Антиќ: На Ол Стар викендот ќе дадам се од себе за Македонија

Центарот на Атланта Хокс и првиот Македонец во НБА лигата Перо Антиќ вели дека добро закрепнува по повредата која привремено го отстрани од терените и очекува да настапи на ол стар натпреварот за НБА ѕвездите во подем кој на 14 февруари ќе се одржи во Њу Орлеанс.

- Чест за мене е да бидам избран во ол стар натпреварот. Знам дека имам 31 година, но сепак во НБА лигата сум почетник. Ќе го претставувам мојот тим, мојата земја и себеси на најдобар начин кој можам, изјави Антиќ во разговор објавен од неговиот тим.

Антиќ го повреди скочниот зглоб на натпреварот со Бруклин Нетс во Лондон, но повредата помина незабележано и тој одлично одигра уште два натпревара за јастребите од Атланта. Но, по откривањето на повредата пред десетина дена, Антиќ се пресели на трибините.

- Закрепнувањето оди одлично. Треба уште малку време бидејќи се работи за коската, но медицинскиот тим одлично си ја врши работата. Вежбам со тегови и шутирање без многу движење. Не можам да седам мирен дома, сакам да се вратам на терен, тешко ми е само да ги гледам натпреварите, вели Антиќ.

Тој одлично ја искористи можноста да игра за Атланта, набргу наметнувајќи се како прв избор за центарската позиција, и со солидниот учинок во поентирањето и во одбраната беше избран и за престижниот натпревар на ѕвездите во Њу Орлеанс.

- Дефинитивно е кул чувство да се игра за државната репрезентација. А и сега, во странство, кога гледам колку многу луѓе доаѓаат на натпреварите и полудуваат околу ол стар натпреварот, целата земја се возбуди кога ме одбраа за ол стар натпреварот, покажаа дека тоа е нешто посебно важно за нив, и затоа ќе дадам се од себе, вели Антиќ

02.02.2014 - 20:04

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа