Шведските медиуми навестуваат пласман на Македонија во финалето

 

Со вечерашниот настап на Есма Реџепова, прв пат во 58-годишната историја на Евровизија една мелодија делумно ќе биде испеана на ромски јазик.

Делот на македонската композиција „Пред да се раздени“, кој Есма во Малме ќе го пее на ромски јазик, е проследен со голем публицитет во шведските медиуми.

Во бројните написи во шведските медиуми се потсетува дека Македонија за прв пат учестуваше во евровизискиот натпревар во 1998 година. Наведуваат дека досега на македонските претставници не им одеше баш најдобро, но сега,  се присутни надежи дека е можен позитивен пресврт.

Млади Роми во Малме се задоволни и горди поради настапот на Есма на ромски.

- Вчера го слушнав тоа и бев навистина позитивно изненадена. Не само затоа што таа е Ромка, туку затоа и што пее на ромски, а што никогаш порано не се случило, вели Мишел од Малме за Шведското радио.

Весникот „Сидсвенскан“ пишува дека скопската населба Шуто Оризари, од каде што доаѓа Есма Реџепова, е најголема ромска населба во Европа. Македонија беше првата земја што им даде права на Ромите, права кои, како единствен пример во светот, се гарантирани и во Уставот.

- Сите земји би требало да го следат македонскиот модел и да им дадат на Ромите исти права и услови како што тоа Македонија го има направено, вели Есма Реџепова за „Сидсвенскан“.

најчитано сега