Не чекајте ред - плаќајте сметки за струја од дома

 

По празниците сите побрзаа да си ги платат сметките за режиските трошоци за да може до крајот на месецот да се пресмета што ќе остане за трошење. Дел од сметките кои мора да се платат се и оние за струја. И наместо на полесниот начин преку интернет или во експозитурите на банките и поштите кои им се најблиску до местото на живеење, граѓаните застанаа во ред за плаќање на наплатните пунктови на ЕВН.

 Од компанијата велат дека онлајн услугите ги имаат развиено со цел да им овозможат на корисниците полесно да ги платат сметките за потрошена електрична енергија и интересот засега е многу охрабрувачки. Од ноември 2013 до сега на Е-ПУНКТ се регистрирале речиси 6 000 корисници кои електронски платиле близу 9 000 фактури. Услугата на корисниците им нуди детален преглед на неплатените фактури за потрошена електрична енергија како и нивно брзо, сигурно и едноставно плаќање. Со ова корисниците ги избегнуваат редиците и каматите за задоцнето плаќање, а не мораат да се грижат и за редовна достава на сметките, велат од ЕВН.

 Според досегашните впечатоци, корисниците кои ја користеле Е-ПУНКТ услугата се изненадени од брзината и леснотијата со кои ги платиле своите сметки и планираат оваа услуга да ја користат и во иднина, вели портпаролот на ЕВН Македонија Атанас Ковачевски. Тој посочи дека во празничниот период непосредно пред и по новогодишните и божиќните празници, регистрирани се повеќе од 1.000 уплати.

 Онлајн плаќањето е одлична можност за оние корисници кои патуваат често или живеат во странство, а имаат имот во Македонија, но и за сите оние кои досега имаа навика да плаќаат со кредитни картички во наплатните места на ЕВН Македонија. Со е-пункт корисниците ќе заштедат време, пари и енергија, а во исто време ќе имаат целосен увид на сите трошоци информираат од ЕВН.

 

14.01.2014 - 16:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега