Венизелос: Евроинтеграцијата на Македонија е проблематична
Шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, чија земја ќе претседава со ЕУ во првата половина од годинава, како проблематичен го оценува процесот на евроинтеграција на Македонија.
- Има случаи како ПЈРМ кои се проблематични бидејќи Владата на државата не помага со нејзиниот став за да се исполнат копенхашките критериуми кои треба да ги исполни секоја држава кандидат - почитување на меѓународното право и добрососедските односи, вели Венизелос во интервју за грчката државна новинска агенција АНА-МПА.
Венизелос вели дека Грција ќе остане посветена и верна на политиката на евроинтеграциите на Западен Балкан, иако проширувањето не е меѓу врвните приоритети на грчкото претседателство.
- Претходното грчко претседателство во 2003 година ја вгради како цел европската перспектива на Западен Балкан и таа е секогаш наш приоритет, усвоен од ЕУ. Сметам дека тоа е можност ова шестмесечие да се разговара за перспективите на Западен Балкан и да се преземат одредени активности што ќе дадат значење на нивната европерспектива, вели Венизелос.
Венизелос е оптимист за брзата интеграција на Србија со која на 21 јануари на меѓувладина конференција во Атина треба да започнат пристапните преговори. Тоа, според него, се однесува и на случајот со Црна Гора и Косово. Во однос на Албанија, потенцира дека ја има грчката поддршка за веднаш да добие кандидатски статус што треба да се разгледа во јуни на крајот од грчкото претседателство. Освен Македонија, како проблематична држава ја посочува и Босна и Херцеговина поради нејзините, се наведува, внатрешни и институционални проблеми.
Грчкиот министер најавува и посета на земјите од Западен Балкан, но, не открива дали меѓу нив ќе биде и Македонија. Целта на посетите, вели Венизлос, е преку контакти со владите на овие земји да разговара за тоа како да се олеснат перспективите за нивна евроинтеграција.
Грција вечерва официјално ќе го преземе претседателството со Советот на ЕУ на церемонија во Атина на која ќе присуствуваат претседателот на ЕК Жозе Мануел Баросо и еврокомесарите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа