Ставрески: Искористете ја шансата и откупете си ги дворовите по едно евро

 

 

Владата им даде нова шанса на граѓаните за откуп на дворните места по едно евро за метар квадратен во наредните девет месеци. По овој рок доколку не го откупат дворното место ќе треба да потпишат договор за закуп на земјиштето, вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во интервју за МИА.

Додава дека интерес има и оти по завршување на претходниот рок, декември 2012 година, формирани се над 1970 предмети за откуп на земјиште, но на терен интересот е уште поголем што е забележани при средби со граѓаните.

- Направени се сите можни отстапки досега. На два пати е продолжен рокот за откуп на дворните места, цената е симболична – едно евро за метар квадратен, а дополнително ќе ги олесниме и процедурите за откуп со новите законски измени, односно ќе биде дадена можност да се приватизира земјиштето под објект во случаи кога нема донесено детален урбанистички план или друг акт со кој се дефинира градежната парцела, истакнува Ставрески.

Како што појаснува, по завршување на овој рок оние што нема да го приватизираат земјиштето ќе треба да склучат договор за закуп, ќе се утврди надомест за закуп од кои 20 отсто од средствата ќе бидат за буџетот, а 80 проценти ќе одат во општината каде се наоѓа земјиштето.

Во интервјуто посочува дека ќе продолжи и проектот „Купи куќа, купи стан“, преку кој досега 228 семејства го решиле животното прашање, а очекувањата се поголеми.

- Како што ќе се движи пазарот на капитал – сега растот на понудата навестува пад на цените, како што ќе изминува време од реализација на овој проект бројот на корисници ќе биде се поголем и интересот ќе добива на интензитет, истакнува вицепремиерот.   

Изразува задоволство од наградната игра со фискалните сметки и ги повикува граѓаните да учествуваат во наредното извлекување на 26 јануари.

Општо за економијата очекува да се интензивира економскиот раст и да се подобри состојбата на компаниите, но и на граѓаните во земјава. Посочува на крупните инфраструктурни проекти што ќе се реализираат, како и за решавање на проблемот со невработеноста.

МИА

06.01.2014 - 10:39

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа