Мицкоски за Судскиот совет: Oвие луѓе не ја заслужуваат платата којашто ја земаат
Премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање каде беше прашан што Владата планира со Судскиот совет рече дека нема да прават ништо што е во спротивност на Уставот и законите но и дека тие луѓе што се таму имаат доверба од 2 процента и не ја заслужуваат платата којашто ја земаат.
„Како Влада сигурно дека нема да работиме нешто што е спротивно на законот и спротивно на Уставот. Се разбира, било кој процес што е спротивен на закон и Устав немаме намера да го водиме , па така ниту овој. Но не би се согласил врз основа на оние мислења кои јас ги имам исто така од оваа област и од уставните експерти, дека ова е противзаконски и противуставно, начинот на којшто е потребно да се побара одговорност“, рече Мицкоски
Мицкоски повтори дека тие имаат најниска доверба од граѓаните.
„Граѓаните ги оценуваат со најниска доверба. Ако ние мислиме да им угодиме на овие луѓе и да останат уште подолго таму и уште подлабоко да тонеме во политичкото мочуриште заглавени во сето она што го направија изминатиот период затоа што имаме неколкумина кои не постоеја досега и сега наеднаш се вознемирени и се појавуваат на површина, таква намера немаме да правиме. Ние работиме во интерес на граѓаните согласно закон и Устав, а да, ќе се појавуваат таков тип на т.н. експерти кои ќе толкуваат вака или ќе толкуваат така. Но едно е јасно, а тоа го кажуваат и граѓаните недвосмислено, дека овие луѓе со доверба од два проценти, повеќе не ја заслужуваат платата којашто ја земаат“, рече Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа