Судот определи притвор за осомничените за престрелката во Тетово, меѓу кои и 15-годишникот
Судот определи мерка притвор за тројцата осомничени и 15-годишникот за престрелката во Тетово која се случи завчера, а во која беше убиено едно лице.
Основното јавно обвинителство пред малку соопшти детали за престрелката. 15-годишникот заедно со уште еден маж пукале со автоматска пушта, а од другото возило возвратиле со истрели од пиштол.
-На 10 август, на улицата „Благоја Тоска“ во Тетово, првиот осомничен и детето во судир со законот родено во 2010 година, со умисла, како соизвршители и со употреба на огнено оружје – автоматски пушки кои на граѓаните им се забранети, лишиле од живот едно лице, а го довеле во опасност и животот и телото на други лица, вклучувајќи и еден од останатите осомничени.
Со автоматските пушки тие испукале повеќе куршуми кон автомобил „Голф“ со кои го погодиле сега покојниот, кој бил на возачкото седиште. Два проектили завршиле во градниот кош на совозачот кој здобил со тешки телесни повреди со конкретна опасност по животот. Еден проектил завршил во десната натколеница на дете родено 2012 година кое се затекнало во непосредна близина, по што осомничениот заедно со детето во судир со законот се оддалечиле од лице-место.
Иако бил ранет од престрелката, вториот осомничен и уште едно лице извадиле огнено оружје – пиштоли и почнале истовремено да пукаат кон возилото кое се оддалечувало и притоа погодиле друго лице кое се здобило со тешки телесни повреди во торакалниот дел, а куршуми завршиле и во возило на жена чија сигурност исто така била загрозена, велат од ОЈО.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа