Страшевски: Ако се појави еден доказ дека Палчо ги убил Вања и Панче – ќе се повлечам и ќе се извинам на јавноста

 

Адвокатот Јовица Страшевски, кој го брани Љупчо Палевски – обвинет за монструозното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, изјави дека досега не е презентиран ниту еден валиден доказ кој го поврзува неговиот клиент со директното извршување на убиствата.

Во интервју во поткастот „Претрес со Ландов“, Страшевски потенцираше дека Палевски категорично ги негира обвинувањата, а како што вели, и покрај големиот медиумски и јавен притисок, обвинителството сè уште не приложило конкретен доказ што би ја потврдил неговата вина.

„Многупати сум го провоцирал Љупчо, му поставував директни прашања – и тој секогаш тврди едно исто: дека не ги убил Вања и Панче. Нема докази. Ако се појави барем еден – ќе се повлечам како адвокат и јавно ќе ѝ се извинам на јавноста“, истакна Страшевски.

Тој особено ја доведе во прашање веродостојноста на сведочењето на Велибор Манев, кој сведочеше пред судот дека Палевски ладнокрвно ги ликвидирал двете жртви. Адвокатот тврди дека Манев лажно сведочел и дека токму тој треба да одговара за давање лажен исказ.

Според него, клучниот доказ – огненото оружје за кое се претпоставува дека е употребено во убиствата – сè уште не е пронајдено. Притоа, адвокатот вели дека не е докажано ни чие било оружјето, и се сомнева дека исчезнатата ташна со пиштолот на Боре Видевски (наводниот сопственик на оружјето) никогаш не стигнала од Велес до Скопје.

Палевски преку писмо доставено до судот, директно го обвини Велибор Манев дека токму тој ги извршил убиствата. Според него, целата конструкција на случајот е базирана на исказ на човек кој има мотиви и можеби тајна улога во трагедијата.

„Ќе се борам до крај, не само како адвокат, туку и како човек – заради мојата фамилија, заради вистината. Правото не смее да биде погазено под притисок од улица или политика“, заврши Страшевски.

Судењето продолжува, а јавноста со внимание го следи случајот што ја потресе цела држава.

09.04.2025 - 23:41

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега