Се руши симболот на трагедијата во која загинаа 72 лица: Кулата Гренфел оди во историјата
Лондонската кула Гренфел, која беше зафатена од пламен пред повеќе од седум години во катастрофа во која загинаа 72 лица, ќе биде урната, соопштија денеска ожалостените семејства и преживеаните.
Пожар ја зафати 23-катницата за социјални станови во една од најбогатите населби во Лондон во раните утрински часови на 14 јуни 2017 година. Тоа беше најсмртоносниот пожар на станбена зграда во Британија од Втората светска војна.
Групата Grenfell Next of Kin (GNK), која ги застапува роднините на речиси половина од загинатите, соопшти дека британската вицепремиерка Ангела Рајнер на синоќешниот состанок им ја соопштила одлуката за уривање на зградата на семејствата и на преживеаните.
Уривањето на кулата, која сè уште стои и покриена со заштитна фолија, ќе започне дури по осмата годишнина од трагедијата во јуни оваа година, велат семејствата.
Во јавната истрага за пожарот, за катастрофата обвинети се пропустите на владата, градежната индустрија и најзначајно, компаниите вклучени во монтирање на надворешноста со запалива обвивка. Неколку преживеани и семејства веруваат дека каква било кривична постапка е одложена поради истрагата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа