Тодоров: Тоа е гнасно - нема милост за докторите кои земаат мито

Министерот за здравство, Никола Тодоров, не го одобрува последниот случај во којшто лекар-специјалист и лекарка-специјализантка од Клиниката за уво нос и грло на пациентот за операција на нос му побарале 450 евра. Тие сега се наоѓаат во притвор и се под истрага, пренесува Вечер
- За мене нема ништо погнасно од тоа да се земе мито од болен човек. Тука треба органите на прогонот и државата да бидат бескрупулозни и не треба да се има милост за тие кои на ваков начин функционираат во здравството. Законот има предвидено ригорозни санкции и очекувам во една законска постапка да се утврди вината - вели Тодоров.

Според министерот, доколку се утврди вината, тогаш ќе треба да се преземат и други мерки предвидени во Законот за здравствена заштита, меѓу кои е и одземање на лиценцата за вршење лекарска дејност.
- Секогаш кога некој ќе биде осуден за кривично дело поврзано со вршење здравствената дејност, му се одзема лиценцата за работа за определен временски период од страна на Лекарската комора на Македонија - објаснува Тодоров. Тој укажа дека со Лекарската комора за овој случај се на иста линија.

Министерот укажува дека паралелно со ова започна и дисциплинска постапка која ја води Дисциплинската комисија. Таа треба да донесе одлука и да утврди дали ќе има привремена мерка суспензија до завршување на дисциплинската постапка, а потоа доколку биде осуден за сторено кривично дело земање поткуп, тогаш ќе биде почната процедура пред Лекарската комора за одземање на лиценцата

25.12.2013 - 23:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега