Анкета на ИПСОС: Граѓаните најмногу му веруваат на Мицкоски
Македонија се движи во позитивна насока, сметаат повеќето граѓани кои на последната телефонска анкета на ИПСОС одговориле позитивно и на прашањето за работата на Владата во првите сто дена од изборот. Најголем проблем според нив се криминалот и корупцијата, како и економијата и животниот стандард. Политичар со најголема доверба кај граѓаните е премиерот Христијан Мицкоски, како и ВМРО-ДПМНЕ.
Во телефонската анкета спроведена од 9 до 13 октомври на 1200 испитаници, на прашањето во каква насока се движи земјата 25 отсто од испитаниците одговориле дека оди во позитивна насока, 24,9 донекаде позитивна, 12,5 донекаде негативна, негативна 24,3 отсто, а не знам или без одговор биле 13,2 отсто од испитаните граѓани.
За тоа какво е мислењето на граѓаните за работата на Владата во првите сто дена, 28,4 отсто одговориле дека тоа е позитивно, 27,1 донекаде позитивно, 9,3 отсто донекаде негативно, 21,6 отсто негативно и со не знам или без одговор биле 13,6 отсто од нив.
Доколку се земе во предвид работата на Владата во првите 100 дена, 51, 1 отсто од граѓаните сметаат дека таа е подобра од претходната влада на СДСМ и ДУИ, 12,7 отсто дека е полоша, 28,6 дека е иста а со не знам или без одговор биле 7,6 отсто од испитаниците.
На прашањето кој е најголем проблем со кој се соочува Македонија и Владата мора итно да го решава 37,5 отсто одговориле дека тоа е криминалот и корупцијата, 19,7 отсто економијата и животниот стандард, а потоа се невработеноста, високите цени, квалитетот во образованието, здравството...
Граѓаните имаат најголема доверба во премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски 27, 8 отсто, но речиси приближно односно 26,5 отсто одговориле дека немаат доверба во ниту еден политичар.
Со најголем рејтинг по премиерот Мицкоски меѓу македонските политичари е Венко Филипче, претседател на СДСМ со 5, 5 отсто, Максим Димитриевски со 4,3 отсто, Димитар Апасиев од Левица со 4 отсто, додека кај лидерите од албанските партии на чело е Али Ахмети од ДУИ со 8,6 отсто, Арбен Таравари од АА со 2,7 отсто, и Изет Меџити од Демократско движење со 1,9 отсто.
На партиската теренска октомвриска анкета на ВМРО-ДПМНЕ направена меѓу 1005 испитаници, највисок рејтинг има оваа владејачка партија односно доколку се одржат избори 26 отсто од граѓаните ќе гласаат за оваа партија.
За ДУИ, Вреди и СДСМ би гласале седум отсто од испитаниците, за Левица пет, за ЗНАМ два, нема да гласаат одговориле 23 отсто, одбиле да одговорат 14 отсто...
Повеќе од половината од испитаниците одговориле дека не го поддржуваат францускиот договор, додека 28 отсто дека го поддржуваат.
На прашањето дали мислите дека треба да се изврши промена на Уставот и да се почнат преговорите со ЕУ доколку промената на Уставот има одложено дејство, 52 отсто одговориле со да, а 42 отсто се против промена на Уставот и со ваков услов
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа