Левица: ДПМНЕ шверцерски протна две нови висококатници во Аеродром


На последната седница на Советот на Општина Аеродром градоначалникот Дејан Митевски, по веќе востановената пракса на неговиот претходник Тимчо Муцунски, шверцерски протна изградба на две нови висококатници во Аеродром. Имено, на само пет минути пред почетокот на седницата на дневен ред беа додадени ДУП И-09 и ДУП И–12 со кои е предвидена изградба на две нови стамбени чудовишта, од 12 по ката, на потегот на булеварот Трета Македонска Бригада, кај населбата наречена „Табак Сити“. Овие бетонски ѕидови ќе го спречат струењето на воздухот, што дополнително ќе го зголеми веќе алармантното загадување, велат од Левица.

„Кои не само што ќе го уништат малку останатиот неизграден простор, туку ќе го задушат и онака загадениот воздух што секојдневно го вдишуваме.
ДУП-от И-09 и ДУП-от И-12 кои беа подметнати пред почетокот на седницата не оставија простор истите да бидат разгледани од страна на советниците во општина Аеродром. Меѓу другото, Општината Аеродром успеала во рекорден рок, само за еден единствен ден, да добие одобрување од Министерството за транспорт и врски, што највероватно е најбрзо одобреното барање во историјата на државата!!!
ВМРО-ДПМНЕ ќе направи сѐ за да ги задоволи апетитите на градежната мафија, не покажувајќи ни најмала грижа за здравјето и иднината на своите сограѓани.
Кога Левица ќе дојде на власт, ќе стави крај на сите штетни ДУП-ви, ќе ја запре неконтролираната бетонизација која се случува во Аеродром и ќе создаде услови за нормален и квалитетен живот за жителите од општината“, стои во соопштението на Левица.

30.09.2024 - 13:59

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега