Мицкоски: Историски најголема откупна цена за лозарите зголемена за 25% согласно Законот за вино
Историски најголема откупна цена за лозарите.
Производната цена на килограм винско грозје за двете најзастапени сорти за 2024 година, „вранец“ и „смедеревка“, е зголемена за 25 проценти согласно Законот за вино, објави премиерот Христијан Мицкоски на Фејсбук.
Посочува дека производната цена на килограм грозје „вранец“, зголемена за 25 отсто, ќе изнесува 20,8 денари за килограм, додека производната цена на килограм грозје „смедеревка“, зголемена за 25 отсто, ќе изнесува 18,3 денари за килограм.
-За споредба, минатата година килограм грозје „смедеревка“ се откупувало по цена од 15 денари, што значи дека оваа година имаме зголемување за 3,3 денари односно 22 проценти.
Додека, пак, килограм грозје „вранец“ во 2023 година се откупувало по цена од 18 денари, во 2024 година имаме зголемување од 2,8 денари односно 15,5 отсто.
Целиот процес на откуп ќе го следи земјоделскиот инспекторат кој ќе распореди инспектори на секој откуп за да го следат процесот, објави премиерот на својот фејсбук-профил.
Додава и дека со ребалансот се издвоени 1 милијарда 250 милиони денари за исплата на заостанати долгови кон земјоделците кои минатата Влада не ги исплатила.
-И 350 милиони денари за АД Водостопанство и Национални шуми каде со месеци претходно не се исплаќало плата, соопшти Мицкоски на Фејсбук, додавајќи дека владин приоритет е борбата за стандардот на земјоделците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа