Костадиновска-Стојчевска: Од Мајските оперски вечери научивме дека културата прави чуда
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска на отворањето на 52. Мајските оперски вечери, рече дека сè додека ги слушаме фанфарите со „Триумфалниот марш“ на Верди како го означуваат почетокот на нашата меѓународно признаена манифестација не треба да стравуваме.
Таа додаде дека фестивалскиот оган ќе гори сè додека постои нашата љубов кон Нејзиното Височество – Операта. „ Мајските оперски вечери се повеќе од празник, тие се круна на децениските напори на генерации македонски уметници да создадат и да остават гласовна трага за долги времиња“, рече министерката за култура насочувајќи го вниманието и кон изложбата посветена на македонската примадона Милка Ефтимова.
„Тоа се тие генерации врвни уметници на кои им ја должиме сета наша почит зашто од нив научивме дека културата е мисија која прави чуда. Со задача да го промени и да го спаси светот“, рече министерката за култура на отворањето на Мајските оперски вечери.
По церемонијата на палење на фестивалскиот оган од страна на оперската певица Славица Галиќ-Петровска, следеше премиерата на „Трубадур“ од Верди, во режија на Иван Поповски, светски познатиот македонски режисер, кој има голем број оперски поставки во Русија, а кој за прв пат режира опера во сопствената држава.
Диригент беше Енрико Довико од Италија, сценограф Миодраг Табачки од Србија, костимите се на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во операта „Трубадур“ настапуваат Зоран Сотиров, Марјан Јованоски, Сандра Митровска, Сања Анастасиа (Србија), Владимир Саздовски, Дејан Стоев, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Јане Дунимаглоски, како и Хорот и Оркестарот на НОБ. Репризата е на 11 мај, со диригентот Иван Еминовиќ и солисти од Канада и Чиле.
На Мајските оперски вечери ќе се изведат и балетот „Заспаната убавица“ на Чајковски (15 мај) со диригентот Најер Нагуи од Египет и солисти од Бугарија и операта „Валкира“ на Вагнер (18 мај), со која ќе гостува Софиската опера и балет.
Ќе биде изведена операта „Тоска“ (23 мај) со Весна Ѓиновска-Илкова во насловната улога, а ќе има изведба и на камерната опера „Свадба“, со која на 28 мај ќе гостува Словенечкиот камерен музички театар од Љубљана.
Традиционално, Мајските оперски вечери ќе завршат на 31 мај со Вердиевата „Аида“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа