Не им купувајте на децата џипови кога ќе наполнат 18 години, им давате репетиран пиштол

 

Семејството e основата на превенцијата за безбедност во сообраќајот, вели професорката на правниот факултет Гордана Лажетиќ, која денеска зборуваше на јавната расправа во Собранието организирана по сообраќајната несреќа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје во која животот го загуби Фросина Кулакова. Дека сообраќајната култура се учи од мали нозе во семејството и во градинките смета и директорката на Психијатриската болница Славица Арсова.

-Она што сум убедена и како експерт и како родител, она што семејството ќе го пропушти, во првите години од животот, не може ниеден систем да го надомести. Градиме систем на превенција, градиме систем и на санкционирање, но ако од дома не ги носиме основните вредности, сето тоа не може да биде до крај успешно, истакна професорката Лажетиќ.

Според неа, од анализата што ја правеле семејството е фактор на превенција, но и фактор на ризик и затоа образованието треба да го надополни она што семејството ќе го пропушти.

-Мора граѓаните да бидат свесни. Немојте да им купувате на децата џипови кога ќе наполнат 18 години. Не е тоа никаков престиж. Им давате опасно орудие во рака, им давате репетиран пиштол. Последиците се такви какви што се, вели професорката Лажетиќ.

Општата некултура, посочува таа, се рефлектира и во некултура и во сообраќајот. Во однос на институционалниот проблем Лажетиќ смета дека треба да се направи контрола на автошколите и техничките прегледи на возилата, а посочува и на проблемот што кај нас го има со јавниот транспорт што би го користеле лицата што немаат дозволи. Како експерт, кажа дека ќе има пакет на закони, за што побара поддршка од пратениците.

-Станало пракса да се вози без возачка дозвола, и тоа едноставно не смее да ни се случува, рече таа додавајќи дека со целосното профункционирање на „безбеден град“ сите ќе бидеме посреќни бидејќи софтверски ќе се детектира прекршокот.

Директорката на Психијатриската болница Арсова рече дека никој од нас не може да остане имун на ваква насилна смрт на млада личност, како и дека во изминатиот период во земјава има акумулација на негативни трауматски случувања како убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска, други сообраќајни несреќи исто така на булеварот „Партизански одреди“, жртви во пожарот во Модуларната болница во Тетово… Затоа, смета таа, целата оваа ситуација околу сообраќајната несреќа во која загина младата Кулакова, толку многу не погоди.

Таа смета дека проблемите се системски, но нагласува дека и покрај тоа што се зборува за подобрување на системот, доколку луѓето, кои се дел од тој систем, не ги применуваат законите како што треба, системот нема да профункционира и насилството пак ќе дојде. Освен зголемување на сообраќајните несреќи таа укажува и на зголемен број на случаи на насилство во семејствата, меѓу партнерите… Покрај алкохол, вели таа, се конзумираат и дроги кои кај нас можат евтино да се најдат, па, насилството не се случува само кога некој е под дејство на алкохол. Арсова нагласува дека со превенција, учење на безбедносна култура и ненасилство децата се учат од мали, уште од градинката. Но, родителите се тие кои ги праќаат клучните пораки.

Републичкиот совет за безбедност, како што посочи нејзиниот претседател Горан Ангелковски, водејќи се од статистичките податоци за бројот на случени сообраќајни незгоди, причините и послоедиците од нив, смета дека е потребна зајакнување на казнената регулатива, воведување на негативни бодови за потешки прекршоци кои ќе се изрекуваат кумулативно а не како замена за изречената глоба, зголемување на ефикасноста на казнените постапки, имплементирање на системот „безбеден град“, намалување на влијанието на човечкиот фактор при одлучување за прекршоците како и забрзување на казнената постапка.

-Одредени потешки случаи од областа на сообрачќајот треба да се предвидат како кривични дела, пред се, брзото возење над 70 км во населени места, или над 100 км надвор од населените места, управувањето под дејство на алкохол над 2 промили, или под дејство на дроги, без положен сообраќаен испит и други потешки случаи како и заострување на казнената политика за непочитување на ограничувањето на брзината на места каде што имаме определени зони на смирен сообраќај, рече Ангелковски.

За вакви дела, тие предлагаат, времено или трјно оодземање на возило како предмет на вршење на кривичното дело. Сепак, вели Ангелковски, за да се случат сообраќајни несреќи свое влијание имаат несоодветната патна структура и сигнализација и слично.

На денешната јавна расправа на тема: „Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста на сообраќајот“ зборуваат и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за правда Игор Филков, како и други професори и претставник на автошколите.

Во дебатата не се вклучија пратеници, а нејзино продолжение на кое ќе бидат посочени заклучоци, како што најави претседателот на Комисијата за политички систем Љупчо Пренџов ќе биде дополнително закажано.

07.02.2025 - 17:56

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега