Маричиќ: Оставаме во наследство подобра држава од онаа која ја затекнавме

 


Македонските гласачи синоќа избраа претседателка на државата и 120 пратеници во законодавниот дом. Им честитам на победниците за успехот, а на граѓаните и на институциите за демократските и мирните избори, напиша на социјалните мрежи вицепремиерот Бојан Маричиќ.

Оценува дека новата власт има доволно гласови и поддршка од граѓаните за да ги решава сите напластени проблеми, но и да ги продолжи европските реформи и да не застрани од патеката на европската интеграција и регионалната соработка, нешто што во повеќе наврати беше јавно промовирано и ветувано од нивна страна.

„Ние, како социјалдемократи, како прогресивни и принципиелни политичари, оставаме во наследство подобра држава од онаа која ја затекнавме, но не доволно добра за очекувањата на граѓаните. Ние како опозиција ќе бидеме постојано тука за потребите на развојот, да иницираме но и поддржиме тоа што им треба на граѓаните, да поддржиме европски реформи, да споделиме искуства, но и да критикуваме и да се бориме за демократија, слобода и социјална правда доколку новата власт се дрзне да се репризира себеси како во годините пред 2017.
Покрај тоа, јас лично, со цел свој капацитет, со цела своја енергија, посветеност и знаење, ќе се вложам во заздравувањето и реформите на СДСМ како партија која искрено ја сакам и со гордост и припаѓам, бидејќи во овој момент каузите за кои целиот свој живот сум се борел се загрозени и со ослабена подлога и база“, додава тој.

Вели дека нема компромис по однос на неговиот порив да продолжам да ги застапува европските реформи за членство на Северна Македонија во ЕУ, користењето на европските можности, солидарност, соработка и почитување на различностите.

„Ќе дејствувам со ум, со разум, со љубов и со посветеност, за подобра европска Македонија, за СДСМ кој води, а не заостанува.
Им благодарам за соработката на сите колеги од Владата, од партијата, од граѓанското општество и од бизнис секторот со кои имав можност да соработувам во изминативе седум години“, истакнува Маричиќ во напишаното.

09.05.2024 - 10:52

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега