Денеска се навршуваат девет години од престрелката во „Диво Насеље“
Денеска се навршуваат девет години од оружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ на 9 и 10 мај 2015 во која загинаа осум припадници на безбедносните сили. Во 28-часовните престрелки, животот го загубија припадниците на безбедносните сили - Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст. Уште 37 припадници на безбедносните сили беа повредени.
Минатата година беше откриена спомен-плочата во кругот на СВР Куманово на полициските службеници кои го положија животот во антитерористичката акција во „Диво насеље“ во Куманово на 9 и 10 мај 2015 година. Претходно, припадниците на безбедносните сили кои учествуваа во вооружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ добија и мурал „Хероите живеат вечно“
Куманово два дена живееше во страв и неизвесност. Престрелките почнаа во раните утрински часови. Кумановци слушаа надлетувања на хеликоптер. Затворени беа улиците, затворен беше дел од град, речиси целата населба „Тоде Мендол“. Фабриките во тој дел од градот, не работеа.
Кумановци се сеќаваат на овој исклучително трагичен настан. Престрелките беа со различен интензитет, од одредени места се гледаше густ чад. Безбедносните сили евакуираа жители, влезот од главната улица „Тоде Мендол“ од булеварот „Трета МУБ“ беше дозволен само за полиција, брза помош и противпожарна единица. Дел од сограѓаните од „Диво Насеље“ се евакуираа кај роднини. Полицијата во неколку наврати ги евакуираше жителите.
Граѓаните на Куманово, велат дека настаните не треба да се заборават и никогаш да не се повторат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа