Звер распали по Брисел поради Македонија

Европратениците продолжуваат да реагираат по одлуката на Советот на Европската унија и по петтата препорака на Европската комисија, да не додели датум за старт на преговорите за членство на Република Македонија во Унијата, пренесува МИА.

Словенечкиот европратеник од редовите на Европските народни партии (ЕПП), денеска распали по официјален Брисел.

- Јас сум тажен и разочаран што себичните национални интереси на оние што се приклучија на Европската унија во значително поблаги политички и економските критериуми, на овој начин да ја кројат судбината на Македонија. Тешко ми е да разберам дека Советот се согласува со оценката на Комисијата за подготвеноста на Македонија, но повторно ја одложува одлуката за почеток на пристапните преговори за следната година. Петти пат по ред. Поради името, потенцира Звер, пренесува МИА.

Тој вели дека граѓаните на Македонија не смее да дозволат да го загубат позитивниот дух во пристапувањето кон ЕУ.

- На македонските граѓани им порачувам да бидат истрајни, упорни и храбри на патот кон ЕУ, вели Звер. 

Шефовите на државите и Владите на земјите-членки на ЕУ, денеска и утре ги усвојуваат заклучоците за проширувањето на Самитот на Европскиот совет.

19.12.2013 - 13:09

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа