Човечки фактор пресуден за железничката несреќа во Велес
Системите за сигнализација на пругата кај железничката станица „Рајко Жинзифов“ во близина на Велес каде што синоќа се судрија патнички и товарен воз функционирале беспрекорно и најверојатно причината е човечки фактор, рече денеска на прес-конференција директорот на МЖ Транспорт а.д. Скопје Оливер Деркоски.
Во несреќата нема жртви и повредени, освен кондуктерот кој се здобил со полесни повреди, а е причинета материјална штета чиј износ се уште се утврдува.
Според Деркоски, и покрај првичните информации, не треба да се прејудицира и треба да се почека конечниот извештај од Комисијата која работи на расветлување на целиот случај, а кој се очекува да биде готов најдоцна задутре.
Несреќата, појасни директорот на МЖ Транспорт, се случила синоќа пред 18 часот на излез од станицата, при што патничкиот воз стоел, а товарниот воз поминувал низ станицата на другиот колосек. Дошло до приближување на возовите и удар од страна во вагоните, поради што дошло до извртување и исклизнување на вагоните.
- Товарниот воз се движел, а другиот воз тргнал, па застанал. Доброто во оваа ситуација е што застанал. Не можам да прејудицорам, но веројатно тој момент, тргнувањето и застанување, е причината зошто се случи настанот, рече Деркоски.
При несреќата дошло до извртување на еден товарен вагон и изместување на два, а по инерција од ударот на останатиот дел од вагоните исклизната е и локомотивата.
- Сите вагони се веќе вратени на пругата во станицата Рајко Жинзифов и моментно се подготвуваат да бидат вратени во работилницата, а локомотивата, со оглед дека има тежина од 120 тони и е потребно исклучување на контактната мрежа на високиот напон, ќе потрае малку, односно се надеваме дека во текот на денов ќе се заврши и таа работа и оти ќе биде вратена безбедно во нашите работилници, наведе директорот на МЖ Транспорт.
Од МЖ Инфраструктура најавиле дека оштетувањата што се настанати на пругата со промена на праговите и напрсната шина, ќе се заврши во текот на денов и оти сообраќајот ќе се нормализира во попладневните часови.
Кај патничкиот воз во кој во моментот на несреќата имало 150 патници нема оштетувања освен искршени стакла, а кај товарниот е оштетен вагонот во кој бил ударот и ќе се санира во работилниците на МЖ Транспорт.
Според Деркоски, несреќа со судир на возови не се случила долго време, а дневно низ станицата Рајко Жинзифов поминуваат 30 - ина воза, 20 патнички и 10 товарни.
Во случај да се утврди дека причина за несреќата е човечки фактор, ќе се постапи согласно прописите од законите за железнички систем и за бебзедност во железничкиот сообраќај, со кои се предвидени прекин на договорот за вработување и надомест на настаната штета
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа