Македонските одбојкари подготвени за утрешниот старт на ЕП во Скопје
Подготвена и максимално мотивирана пред домашната публика да ја мине групната фаза, македонската машка одбојкарска репрезентација го очекува утрешниот старт на Европското првенство и воведниот натпревар против Данска во Скопје.
Селекторот Јошко Миленковски претпладнево на средба со новинарите во Скопје порача дека одбојкарите ќе го дадат својот максимум на теренот и апелираше за голема поддршка од трибините.
- Овие момци секој ден даваат сè од себе за да ја претстават државата во најдобро светло. Ова е најголем настан на наше почва и можност да ја претставиме нашата држава и нашиот спорт, рече Миленковски.
Селекторот порача дека за успешен настап на македонските одбојкари ќе им биде потребна и силна поддршка од трибините со Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
- Со нашата желба, мотивација и борбеност сакаме да постигнеме што повеќе, поточно пласман во следниот круг. Макотрпно работевме, но не зависи само од нас зависи и од противниците. За да постигнеме добри резултати потребна ни е поддршка од сите страни, пред сè од навивачите, за да се претставиме во најдобро светло и да сториме сè за да се пласираме во втората фаза, додаде селекторот на македонски одбојкари.
На настанот организиран од Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) и НЛБ банка, своите очекувања ги изнесе и капитенот Никола Ѓорѓиев.
- Групата е доста тешка, прв фаворит е Полска, а тука се Холандија и Чешка, па Данска и Црна Гора кои се на наше ниво. Утре за нас е голем ден, мора да влеземе малку позрело за разлика од претходните две европски првенства. Се надевам дека ќе бидеме мудри и ќе имаме трпение, заедно со цела Македонија ќе успееме да се радуваме на убава победа. Можам да ветам дека ќе дадеме се од себе и се надевам дека утре ќе успееме да ве израдуваме, порача Ѓорѓиев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа