Талески: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се спротивстават на обидите на Груевски за рехабилитација на Ванчо Михајлов
Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и осуден криминалец во бегство, Никола Груевски го потврди континуитетот со Ванчо Михајлов. Исто како и Христијан Мицкоски кој јавно кажа дека нема да се огради од Ванчо Михајлов затоа што е дел од контитнуитетот на оваа партија. Тоа е истата матрица на ВМРО-ДПМНЕ која се пресликува и овде, во закондавниот дом, изјави пратеникот на СДСМ, Миле Талески.
„Додека во ова Собрание, проевропските пратеници се лажно напаѓани за бугаризација и асимилација, зад грбот на граѓаните стои длабока врска меѓу ВМРО-ДПМНЕ и нивната сестринска партија ВМРО-БНД. Се отворија контраверзни бугарски клубови за да се подгреат чувствата на граѓаните, да се создаде тензија и да се нарушат односите меѓу двете земји.
Ете бугаризацијата во оваа држава кој ја прави, ВМРО – ДПМНЕ и ВМРО – БНД со заеднички именител нивниот претседател Ванчо Михајлов. Токму ВМРО-ДПМНЕ во чест на Ванчо Михајлов изгради спомен куќа во Штип и постави восочна фигура во природна големина во музејот во Скопје. ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-БНД се лонче и капаче“ рече Талески.
Затоа, рече тој, ВМРО-ДПМНЕ е против уставните измени, затоа е против европскиот пат на земјата, затоа не гласаа за македонски јазик во ЕУ.
„Скандалозни се обидите на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да го рехабилитира соработникот на фашизмот и крвникот на македонскиот народ, Ванчо Михајлов. Од овде од македонското Собрание, кое донесе закони и декларации за заштита на македонското достоинство, на македонскиот јазик, на посебноста, како и Закони за здруженија и кое има обврска да ги штити сите наши граѓани ги повикувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ:
1. Да се спротивстават на обидите за рехабилитација на Ванчо Михајлов и
2. Јавно да се оградат и да ги осудат
Очекуваме реакција од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, не смее да биде партија којашто е иделошки поклоник на луѓето кои што биле извршители на Третиот Рајх“ порача Талески.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа