Во Прилеп поставен споменик на Блаже Конески

Во центарот на Прилеп беше подигат споменик на македонскиот поет Блаже Конески по повод 20 годишнината од неговата смрт. Споменикот беше поставен веднаш до Марко Цепенков, а место има и за споменикот на Круме Кепески. 

Споменикот е направен од мермер, и е висок 3,33 метри. Го изработил неговиот внук Бранко Конески кои како што вели го правел со емоции како што самиот негов дедо ги пишувал неговите песни. 

Ученици, писатели и поети попладнево се во Небрегово во родната, Спомен куќа на Конески.

На чинот на откривањето на споменикот присуствуваа градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески и професорот Трајко Стаматовски.

- Прилеп е горд на својот сограѓанин, на академикот, писателот и основоположникот на македонскиот јазик Блаже Конески и со подигнувањето на овој споменик во бел прилепски мермер му се оддолжува на големото дело на Конески. Тоа е и обврска да го негуваме и да го надградуваме делото на Конески. Ова е и долг на локалната самоуправа на Прилеп кон својот голем сограѓанин, нагласи Ристески.
 
Според професор Трајко Стаматоски, прилепчани треба да бидат горди на Конески, на следбеникот на Мисирков и основоположник на македонската јазична мисла.

- Се што работеше, работеше за доброто на својата татковина. Тоа беше основната идеја во секој негов зафат и во научната, литературната и јазичната негова мисла, рече Стаматоски.

Академик Блаже Ристовски истакна дека свето е делото на првиот претседател на МАНУ. - Имаме многу долгови кон оваа култура, кон оваа наша наука, кон нашиот народ и неговата држава, кон големиот опус на Конески. А гласот на МАНУ треба да се слуша и да се чуе, зашто наша должност и законска обврска е да ја негуваме таа научна мисла, рече академик Ристовски.

За професорот Људмил Спасов, јазикот е нашата татковина, а треба да ги подигнеме стандардите и нормите на неговата упореба во јавниот живот. - Јазикот е територија што не обединува и тоа важи за Македонците насекаде низ светот, особено за Македонците во Република Македонија. Се снижува нивото на јазичната употреба, јазичниот стандард, но тоа е процес кој е и треба да е минлив. Поттикот го гледам токму во наставниците и сите културни дејци, рече Спасов, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Споменикот на Блаже Конески го финансираше локалната самоуправа на Прилеп која има намера да постави споменик и на  Круме Кепески на „Литературниот плоштад“ во Прилеп.

Во чест на Конески денеска во Градската библиотека „Борка Талески“ се одржа и академија „Сеќавање за  Блаже Конески“

07.12.2013 - 15:45

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега