Лондонските бизнисмени се запознаа со бизнис-потенцијалите на Македонија

Премиерот Никола Груевски кој е во дводневна посета на Лондон, денеска пред повеќе од 80 бизнисмени ги презентираше можностите за инвестирање и започнување бизнис во земјава. 

- Да ги разгледате постојните капацитети, да разговарате со компаниите кои се веќе присутни во Македонија и да го слушнете нивното искуство, рече Груевски и истакна дека познати компании како Џонсон Мети, Џонсон Контролс, Кемет Електроникс, Кромберг и Шуберт и Дрекселмејер, Ван Хол...се само дел од компаниите кои ги препознаа потенцијалите кои ги нуди Македонија.

Премиерот Груевски, јави известувачот на МИА, нагласи дека Македонија го привлече вниманието на глобалната инвестициска јавност со брзото и сигурно искачување на листата на најдобрите реформатори. – Според реномираниот извештај „Дуинг бизнис“ на Светска банка Македонија е рангирана на 25.место помеѓу 185 земји и ова е највисокото рангирање во однос на економиите во транзиција од Централна и Источна Европа и пред околу 20 земји членки на ЕУ. Многу сме горди што сега Македонија е на 73. место според глобалниот индекс за конкурентност составен од Извештајот за глобална конкурентност на Светскиот економски форум 2013-2014, рече Груевски, додавајќи дека Македонија го подобри рангирањето за 45 места во однос на квалитетот на деловното окружување.

Британските бизнисмени се запознаа и со фактот дека Македонија ја карактеризира постојана макроекономска стабилност и просечна стапка на инфлација од 2,1 отсто, низок буџетски дефицит од три отсто од БДП, што ја прави земјата четврта најмалку задолжена во Европа. 

– Воведовме рамен данок од само 10 проценти за персоналниот и данокот на добивка, рамна даночна стапка од само 10 отсто од 2008 натаму. Воведовме и нула даночна стапка за реинвестираната добивка и постепено ги намаливме придонесите за социјално осигурување за една третина и тоа за неограничен број години и неограничена сума износи, рече Груевски.

Премиерот Груевски истакна дека не само американски и европски, туку и кинески, индиски, руски и катарски компании изразуваат сериозен интерес да ги лоцираат своите производствени капацитети во Македонија. 

Нил Колинс од Џонсон Мети потенцира дека причините поради кои инвестирале во Македонија е дека голем дел од нивните партнери и добавувачи на делови имаат свои капацитети во ЈИЕ, како Полска, Чешка, Словачка. - Затоа дојдовме во Македонија и од тогаш сме многу задоволни. Постоењето на слободна економска зона беше од големо значење и тоа беше поволно за нашето идно развивање. Исто така, локацијата е во близина на аеродромот што е многу важно за поддршка на нашата фабрика. Поволност е и големиот избор на работна сила во Скопје, Велес и Куманово, патната поврзаност со Европа и можноста да стигнеме до и од нашето главно складише во Германија за околу два дена, истакна Колинс.

Британскиот стопанственик Лорд Нун, кој четири пати ја посетил Македонија ги повика пристуните да ги претстават нивните ставови непристрасно бидејќи не се пристуни само владини претставници, туку и луѓе кои веќе имаат искуство со Македонија.

 – Овде можете да ги претставите вашите ставови и тоа непристрасно бидејќи нема да говори само македонскиот премиер и министрите, туку ќе се добијат и мислења од некои луѓе коишто имаат искуство со Македонија, како на пример јас којшто сум ја посетил земјата веќе четири пати.

Инаку, премиерот Груевски заедно со владината делегација во чиј состав се вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор Веле Самак и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо., вечерва заминува во Париз.

03.12.2013 - 14:09
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега