Максим Димитриевски: Предупредував, но Заев не сакаше да ме слуша

 

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски е уверен дека успехот на иницијативата „За наше Куманово“ на локалните избори, може да бид еуспех и за „За наша Македонија“ на централно ниво. Во интервју за Прес24, тврди дека засега иницијативата е само идеја, но нема дилеми дека на државата и се потребни промени.

-„Зошто оваа иницијатива“. Мој впечаток е дека кај граѓаните постои презаситеност од 30 годишното владеење на два политички субјекти во македонскиот политички блок и 20 годишно владеење од еден политички субјект во албанскиот политички блок. Едноставно, граѓаните бараат промена и излез од црно-белиот свет, бараат луѓе кои во нивно име ќе ја водат и управуваат со државата, но при тоа главниот приоритет ќе биде граѓанинот и неговиот подобар живот, вели Максим Димитриевски во интервјуто за Прес24.

Иако јавноста во оваа иницијатива препознава поврзаност со поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, Димитриевски негира. Со Црвенковски подолг период немал контакти, но е во коректни и професионални релации е, но за оваа иницијатива идејата дошла од негови сограѓани.

-Јавноста ме препознава како искрен и директен политичар кој одговара на сите прашања. Веќе два пати ви одговорив на ова прашање. Иако инсистирате, одговорот останува ист. Господинот Црвенковски е еден од основачите на СДСМ, поранешен претседател и премиер на Република Македонија и човек со политичко искуство од којшто може многу да се слушне и научи. Во оваа иницијатива секој со искрени намери е добредојден. Но повторувам, господинот Црвенковски до овој момент не е дел од оваа иницијатива. Моите релации со Црвенковски можам да ги оценам како професионални и коректни, вели градоначалникот на Куманово во интервјуто.

Димитриевски во интервјуто зборува и за тоа како и кога почнале поделбите во СДСМ, кои се вистинските причини за неговото разидување со Заев и со актуелното раководство на партијата.

авистина сум неразделен од социјалдемократијата. Но, основните столбови, државотворните политики и вистинската социјалдемократска идеологија ја напушти раководството на СДСМ. На 27 април се борев за рушење на 11 годишниот режим и диктатура на Груевски. Верував во подобро утре и се надевав дека можеме да смениме многу работи во државата. Искрено верував во паролите „Живот за сите“ и „Нема правда, нема мир“. Ништо од тоа не се случи. Ни во сон не мислев дека малата партиска врхушка на СДСМ ќе прерасне во една коруптивно-мафијашка влада која исклучиво ќе работи за своите интереси и своите фотелји, вели Максим Димитриевски.

Договорот со Бугарија според него е нешто што не е карактеристика на полтиката на СДСМ и сто тоа не можел да се помири.

-Немам ништо против бугарскиот народ, го почитувам, имам многу блиски и искрени пријатели помеѓу нив, но имам против изјавите на актуелните бугарски челници, за негирање на македонската нација и јазик. Во 21-от век, почитувајќи ги европските нормативи, тоа е неприфатливо, таквите недолични акти потребно е да бидат осудени од официјална Европа, вели Максим Димитриевски во интервју за Прес 24.

 

ПРЕС24: Првичната информација што се појави по одредени медиуми дека новата политичка партија што Максим Димитриевски ќе ја раководи е практично иницијатива на Бранко Црвенковски, предизвика поприлично јак одек во јавноста. Потоа следуваше Ваше дообјаснување дека „За Наша Македонија“ е практично продолжение од “За Наше Куманово“ и дека иницијативата е Ваша. И да е така, зошто оваа иницијатива?

ДИМИТРИЕВСКИ: Оваа иницијатива ниту е моја, ниту на некои мои соработници, уште помалку е иницијатива на господинот Црвенковски. Оваа идеја и барање е на граѓаните на општина Куманово.

Граѓанската иницијатива "За Наше Куманово" почна со организација за време на локалните избори во Куманово, на истите учествуваше со своја понуда и програма, ги освои симпатиите на граѓаните и убедливо победи. Точно е дека постои иницијатива од граѓани од повеќе општини во Македонија ова локално здружение да прерасне во републичко, со крајна цел да учествува на следните парламентарни избори како реално граѓанско политичко движење од граѓаните за граѓаните.

Во тек се консултации со истакнати личности од општествениот живот, експерти, интелектуалци, стопанственици, лекари, уметници, студенти, пензионери, земјоделци, работници и други кои сакаат да дадат свој допринос во формирањето на граѓанското движење.  Дали ова здружение ќе прерасне во нов политички субјект, тоа ќе биде одлука на неговите членови. Кога ќе се донесе одлуката јавноста ќе биде навреме информирана.

Постојат повеќе причини зошто оваа иницијатива предизвикува внимание кај граѓаните, и заинтересираноста низ Македонија е навистина импресивна. Ќе се обидам во една реченица да ви дадам одговор на прашањето „Зошто оваа иницијатива“. Мој впечаток е дека кај граѓаните постои презаситеност од 30 годишното владеење на два политички субјекти во македонскиот политички блок и 20 годишно владеење од еден политички субјект во албанскиот политички блок. Едноставно, граѓаните бараат промена и излез од црно-белиот свет, бараат луѓе кои во нивно име ќе ја водат и управуваат со државата, но при тоа главниот приоритет ќе биде граѓанинот и неговиот подобар живот.

ПРЕС24: И да е така, зошто сметате дека успехот на „Наше Куманово“ може да биде и успех за „Наша Македонија“?

ДИМИТРИЕВСКИ: Македонија предолго тапка во место, а со неа заедно и граѓаните. Прогресот во сите општествени сфери е стопиран. Корупцијата е на високо ниво, правдата не е еднаква за сите, институциите не функционираат, надворешната политика е катастрофална, безбедноста во државата е на ниско ниво, се повеќе се влошуваат меѓуетничките односи, граѓаните живеат на работ на сопствена егзистенција, со еден збор, Македонија тоне. Од друга страна поединци блиски до власта, без разлика која и да е, енормно се збогатуваат и создаваат од работникот модерен роб.

Сметам дека една искрена, добро смислена, конкретна, реална и остварлива програма, со вклучување на истакнати личности,  докажани во својот круг на делување, кои немаат позади себе никакви хипотеки, можат да дадат еден нов импулс и надеж и верувам дека граѓаните тоа ќе го препознаат и ќе дадат доверба на еден ваков нов концепт.

ПРЕС24: Реалноста во пракса е сепак поинаква. Искуството барем досега покажува дека одвоените крила од која било од двете најголеми политички партии, немале некој позначаен успех. Затоа и тука е суштинското прашање кое се влече од првичната информација. Ако не е иницијатива на Црвенковски, дали е со поддршка на Црвенковски?

ДИМИТРИЕВСКИ: Граѓанското здружение „За Наше Куманово“и јас лично не се сметаме за одвоено крило од СДСМ. Ние имаме своја сопствена, автономна политика. По убедување сум социјалдемократ, се чувствувам така, но оваа иницијатива ја подржаа граѓани од различна политичка провиненција. Ја подржаа и граѓани коишто воопшто не се политички определени, но многу значајно е да се напомене дека иницијативата беше подржана и од граѓани од различна етничка и верска припадност. Што се однесува за подршката на поранешниот претседател на Република Македонија г-дин Бранко Црвенковски, кој особено го почитувам, до овој момент со него на оваа тема и за оваа иницијатива немам разговарано.

ПРЕС24: Јас знам дека нема да добијам конкретен одговор на ова прашање... Но, јавноста би требало да знае во какви релации сте со Црвенковски?

ДИМИТРИЕВСКИ: Јавноста ме препознава како искрен и директен политичар кој одговара на сите прашања. Веќе два пати ви одговорив на ова прашање. Иако инсистирате, одговорот останува ист. Господинот Црвенковски е еден од основачите на СДСМ, поранешен претседател и премиер на Република Македонија и човек со политичко искуство од којшто може многу да се слушне и научи. Во оваа иницијатива секој со искрени намери е добредојден. Но повторувам, господинот Црвенковски до овој момент не е дел од оваа иницијатива. Моите релации со Црвенковски можам да ги оценам како професионални и коректни.

ПРЕС24: Кога последен пат сте се сретнале и за што сте разговарале?

ДИМИТРИЕВСКИ: Подолг период се немам сретнато со Црвенковски. Немам навика, и не е мој стил да прераскажувам што разговарам со моите соговорници.

ПРЕС24: Знаете... многумина блиски до СДСМ, а дел од нив и темелно информирани, сметаат дека дебаклот на СДСМ, односно на Заев, на локалните е резултат на стратегија подготвена токму од Црвенковски и Вас. Тивок бојкот за СДСМ во сите единици на локална самуправа и екстремно вложување во Куманово и во Вашата кандидатура?

ДИМИТРИЕВСКИ:Ова прашање треба да го адресирате до поранешното, но и најголем дел од актуелното раководство на СДСМ. Оние кои вие ги нарекувате „темелно информирани“ не ја говорат вистината. Истите тие, наместо причините за катастрофалниот пораз на локалните избори да ги бараат кај себе и кај своите погрешни политики, ги бараат кај некој друг. Јас уште во 2017та година, па се до моето се уште недефинирано и нестатутарно исклучување, и во партијата, но и во јавноста, укажував на погрешните политики на СДСМ, подемот на поединци кои што со прст не мрднаа во времето на опозицијата на партијата, а подоцна станаа незаменливи функционери кои со лукративно корумпирано делување го урнисуваа угледот на СДСМ, предупредував, но за жал тоа не наиде на реакција кај тогашното раководство на СДСМ. Напротив, бев осуден за своите ставови, првично елиминиран и сменет од органите на партијата во група со други транспарентни  и слободоумни активисти како Проф. Петар Атанасов и др., а подоцна  и нестатутарно исклучен од партијата. Од оваа времена дистанца, се докажа дека бев во право, а дел од раководството партијата ја трансформира во приватна своина или акционерско друштво.

Македонија е земја во која до сега се уапсени и обвинети два генерални секретари на владата. Македонија е земја во која кога обвинителот за организиран криминал ќе го обвини директорот на финансиската полиција за корупција и рекет, политички експресно е суспендиран. Македонија е земја која е рај за нелегално производство на марихуана. Македонија е земја во која актуелен судија кажува дека правдата е селективна. Македонија е земја во која поединци припадници на одредени политички партии безсрамно пукаат по улиците на Скопје и можат се  и притоа никаде не одговараат ниту пак некој ги санкционира, а останатите се граѓани од втор ред. Македонија е земја во која автобуси на одредени туристички агенции без соодветна лиценца ги поминуваат границите, притоа во сообраќајна несереќа гинат 45 луѓе и никој не сноси одговорност. Македонија е земја во која поради несоодветна инсталација се опожаруваат модуларни болници, живи горат хоспитализирани пациенти и притоа никој не сноси одговорност. Македонија е земја во која осуденици менуваат адреси на 24 часа за да имаат попријатен престој во соодветен затвор кој им одговара. Македонија е земја во која цели општини крадат струја, а ние лојалните редовни плаќачи плаќаме и за нив. Македонија е земја во која имате неколку пати повеќе полицајци од војници, а притоа се уште го нема никаде мојот реонски полицаец.  Едноставно кажано Македонија е земја во која мафијата има своја држава. За жал, ненормалното станува нормално. Наведов само мал дел од причините за катастрофалниот пораз на СДСМ на локалните избори. Нека проценат граѓаните кој е во право.

ПРЕС24: Колку што можам да констатирам Вие сте решени на следните параламентарни избори да одите со своја Партија. Ако не победите Вие, знаете дека тоа ќе се рефлектира на контото на опозцијата?

ДИМИТРИЕВСКИ: Јас сум решен едно граѓанско движење да настапи на следните парламентарни избори во Македонија, по примерот на граѓанското здружение „За Наше Куманово“, без разлика дали ќе бидат предвремени или редовни. Спомнав и претходно, дека одлуката за нов политички субјект се уште не е донесена. Граѓанското здружение „За Наше Куманово“ убедливо победи на локалните избори во Куманово, оставајќи ги зад себе сите политички чинители. Тоа е возможно и на територијата на цела држава, граѓаните се веќе уморни од празни зборови и хипокризија. Цврсто сум убеден дека една јасна и прецизна визија, со конкретни проекти, со сеопфатна програма, со вклучување на многу почитувани личности од општеството во ова граѓанско здружение, со една чесна и домаќинска понуда, се гаранција за успех и на републичко ниво. На Македонија и е потребна една нова политичка сила која ќе прерасне во движење и ќе ги мотивира граѓаните да излезат на избори. Во овој момент кај граѓаните е присутна силна апатија и големо разочарување и масовна недоверба кон постоечките политички елити. Верувам дека ние ќе бидеме тие, кои ќе бидеме мотор на мотивацијата кај граѓаните, ќе ги разбудиме и ќе преставуваме вистинско освежување на политичката сцена. На крај, како одговор на ова ваше прашање, ќе цитирам еден мој добар пријател кој често знаеше да праша: „Сакаш да бидеш кандидат на изборите или победник на истите.“ Ние ќе бидеме победници. МАКЕДОНИЈА И ГРАЃАНИТЕ НА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ПОБЕДАТ.

ПРЕС24: Затоа и Ве прашувам. Што е Максим Димитриевски сега. Опозиција на власта, или дел од власта која сака поинакви владини политики? Бидејќи знаете дека ова се две различни позиции...

ДИМИТРИЕВСКИ: Оние кои добро ме познаваат, знаат дека секогаш отворено сум ги кажувал своите ставови. Така било и во рамки на партијата, но исто така транспарентно сум ги искажувал своите ставови во јавноста. Јас критикувам лоши политики, без разлика кој е на власт, но и секогаш нудам решение. Да бидам прецизен, во овој момент сум силен критичар на политиките на актуелната власт. Во никој случај не може да се каже дека сум дел од власта, затоа што за мене е несвојствено, несватливо и не е во мојата ментална матрица да подржувам власт која е базирана исклучиво на клиентелистички пристап и која потсетува на поранешниот режим против кој силно се борев. Секако заедно со мојот тим ја превземам одговорноста за менаџирање на Куманово како локална власт.

ПРЕС24: Знаете... малку е чудно кога сега правиме интервју и зборуваме за политика на Максим Димитриевски надвор од СДСМ... Барем јас имам впечаток дека Вие сте лик кој едноставно е неразделен од социјалдемократијата... Па оние слики и сцени од 27 април да не ги спомнувам. Што се случи меѓу Вас и СДСМ?

ДИМИТРИЕВСКИ: Да, навистина сум неразделен од социјалдемократијата. Но, основните столбови, државотворните политики и вистинската социјалдемократска идеологија ја напушти раководството на СДСМ. На 27 април се борев за рушење на 11 годишниот режим и диктатура на Груевски. Верував во подобро утре и се надевав дека можеме да смениме многу работи во државата. Искрено верував во паролите „Живот за сите“ и „Нема правда, нема мир“. Ништо од тоа не се случи. Ни во сон не мислев дека малата партиска врхушка на СДСМ ќе прерасне во една коруптивно-мафијашка влада која исклучиво ќе работи за своите интереси и своите фотелји. Потенцирам дека особено ги ценам сите искрени членови на СДСМ кои ми ја даваат својата подршка, која секојдневно се зголемува бидејќи партијата има прекрасно членство и честити луѓе.

ПРЕС24: Знаете има две тези. Првата е поврзана со Спасовски, кој исто е од Куманово и втората можеби наивна, но е повзрана со полтиката на партијата кон прашањето со Бугарија. Да не се биде наивен дека се почна од оној фамозен ПЦР тест за Ковид 19. Мислам дека пред тоа следуваше една Ваша реакција кон тогаш се уште актуелниот бугарски вицепремиер Каракачанов?

ДИМИТРИЕВСКИ: Наведовте повеќе од две тези кои се минорни причини за мојата разделба со раководството на СДСМ. Секако тука го издвојувам прашањето за договорот со Република Бугарија кое е од витален државен и национален интерес. Ова прашање дефинитивно ја прелеа чашата на мојата доверба кон тогашното раководство на СДСМ. Интервјуто дадено од тогашниот премиер, господинот Заев, за бугарскиот медиум БГНЕС, за мене беше вистински шок.  Тогаш ми стана јасно дека за одредени членови на владата нема ништо свето и дека воопшто не се водат политики кои ја штитат Македонија и македонскиот народ од национална катастрофа. Тука ја издвојувам улогата на ДУИ која всушност е вистинска власт и ги спроведува своите политики, а министрите од СДСМ во владата, грижејќи се за своите места и позиции, всушност се само извршители и послушници на ДУИ. Во тогашната влада се водеше следната политика „Ќе го кажаме тоа што соговорникот сака да го слушне“. Јас не можам да прифатам да бидам соучесник во такви политики. Мојот пристап е различен. Јас се залагам и практикувам транспарентна, реална и пред се вистинита комуникација со граѓаните.

Но сепак несогласувањата тргнаа уште пред пет години кога реагирав јавно за нетранспарентната и селективна поделба на средствата од фондот за иновации на луѓе блиски до власта, подоцна јавната реакција на тендерот за реагенсите во министерство за здравство ми беше сметана за зло, дополнително и реакцијата за менување на половите на сметка на фондот во моменти кога здравството во Куманово должи милиони и немаме мамограф, па се до почетокот на ковид кризата каде што како локален штаб за заштита и спасување имавме спротивставени ставови со техничката влада со катастрофалниот начин на менаџирање на кризата и уште многу други случаи со кои јавноста е запознаена...

ПРЕС24: И кога сме кај односите со Бугарија... мислам дека од реакција во рекација Вашите ставови стануваа се порадикални, или поумерено кажано, се подалечни од матичната партија. Зошто?

ДИМИТРИЕВСКИ: Не можам да се согласам и да прифатам дека моите ставови во врска со прашањето со Република Бугарија се радикални. Тоа се ПР тези и памфлети на актуелната власт. Секој кој има различен став по ова прашање е или радикален, или анти-НАТО и анти-ЕУ, или про-руски настроен, барем така тоа они и нивните апологети и пр служби го прикажуваат во јавноста и пласираат во амбасадите. Постојат прашања кои се од национален и државен интерес. И тие прашања не можат да бидат предмет на било каков разговор или дел од било каков договор. Ако ме прашувате како ги опишувам моите ставови со еден збор, би рекол патриотски. Договорот со Република Бугарија е штетен, анти-државен, анти-национален, задира во македонските национални интереси, задира во македонската историја, во македонскиот јазик и идентитет и е со долгорочни последици за државата. Ќе го повторам мојот став, многу пати до сега искажан. Да за ЕУ, но таму да влеземе како Македонци, со македонски јазик, достоинствено, со кренати глави и со основните цивилизациски вредности кои всушност се и европски вредности на Шуман и Моне. Односно, да ја имаме истата можност, правила и критериуми како и сите други држави кои влегоа во Европската Унија до сега, а при тоа никој ниту ги уценуваше ниту пак им менуваше јазик, историја, идентитет...

ПРЕС24: Но, ако се оствари Вашата идеја за освојување на власта, секако од таа позиција ќе имате некаква одговорност за оддржување на дијалогот со Бугарија. Како тоа ќе се одвива, а притоа Македонија да не стане заложник на нов отворенпроблем со соседите?

 

ДИМИТРИЕВСКИ: Силно се залагам за влез на Македонија во Европската Унија. Но, за тоа се потребни многу внатрешни реформи, усогласено законодавство по европските стандарди и исполнување на критериумите од сите 35 поглавја. Тоа е долгорочен процес кој можеби ќе трае со децении. Македонија направи премногу отстапки да го трасира својот евро-атлански пат. Немам ништо против бугарскиот народ, го почитувам, имам многу блиски и искрени пријатели помеѓу нив, но имам против изјавите на актуелните бугарски челници, за негирање на македонската нација и јазик. Во 21-от век, почитувајќи ги европските нормативи, тоа е неприфатливо, таквите недолични акти потребно е да бидат осудени од официјална Европа. Актуелната влада и неспособното раководство од Министерството за надворешни работи, прифаќајки го Францускиот предлог не го отвори патот на Република Македонија кон ЕУ, напротив, долгорочно го блокираше процесот на преговори на МК со ЕУ. Веќе сме сведоци на негативните последици од протоколот потпишан со Република Бугарија во која исполнувајќи ги условите и договореното помеѓу двете влади, Цар Самоил, Климент Охридски, Браќата Кирил и Методиј, не се дел од македонската историја, туку дел од заедничката историја. Последните информации се дека нашите деца во своите наставни програми, наместо на „македонски“, ќе учат на „мајчин јазик“. И ова е само почеток на се што следи.Токму поради овие факти, силно се залагав за отфрлање на францускиот предлог. Ние сакаме добри и пријателски односи со сите наши соседи. Но тие треба да се темелат на меѓусебно почитување и соработка. Идната влада ќе биде соочена со многу предизвици, затоа што прифатениот француски предлог и исполнувањето на обврските од истиот, се услов за продолжување на нашиот европски пат. Ќе треба многу труд и напорна работа на идното раководство во Министерството за надворешни работи, со помош на нашите европски пријатели, многу членови во францускиот предлог да се изменат и дополнат, а сепак да продолжиме по зацртаниот курс и нашата стратешка определба, а тоа се: НАТО и ЕУ.

27.08.2022 - 12:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа