„Ви помагаме бидејќи ве гледаме во ЕУ“ - Орав со препораки за поголема искористеност на ИПАРД

Професионални, добро екипирани служби, квалитетни проекти и иницијативи од страна на фармерите кои речиси не веруваат дека може да добијат пари од ЕУ, се препораките од евроамбасадорот Аиво Орав за што поголемо искористување на ИПАРД фондовите.

- Парите од ЕУ се повеќе теоретски зашто нема земја во ЕУ или држава кандидат за членство која може да апсорбира 100 отсто од средствата. Но, вашата цел би требало да биде повлекување што повеќе, блиску до 100 проценти, рече Орав по денешната посета на Платежната агенција.

Како што рече евроамбасадорот, земјоделството има многу важна улога за државата и затоа е битно да се искористи помошта која ЕУ им ја дава на фармерите.

- Ако некој праша, зошто Европската унија го прави сето ова, одговорот е дека ја гледаме вашата земја како идна членка на Европската унија, тоа е причината, нагласи Орав.

Тој додаде дека институциите прават максимални напори за ИПАРД програмата да биде уште по достапна, за сите фармери во земјата.

- Работиме на акредитирање дополнителни мерки и модификација на ИПАРД програмата. Целта е што повеќе земјоделци и компании да повлечат пари од ЕУ. Мислам дека сме на добар пат иако изминатиот период имаше одредени застојувања, но од објективни пртичини. Сега, со поинтензивно работење на Платежната агенција и нејзиното кадровско доекипирање, со поголема динамика ќе можеме да ги повлекуваме расположливите средства, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски.

Димовски и Орав денеска, во Платежната агенција, беа запознаени со активностите околу реализацијата на твининг проектот за воведување вкрстена сообразност во директните плаќања. Проектот е финансиран со 950.000 евра од првата ИПА компонента, а целта е прифаќање и спроведување стандарди што веќе се применуваат во високо развиените земји и членките на ЕУ посебно во делот на заштитата на животната средина, растенијата и животните.

- Земјоделците ќе мора да ги почитуваат стандардите за заштита на животната средина, здравјето на растенијата и животните како услов за добивање директна поддршка од државата, истакна Димовски.

Според најавите, следните 14 години ќе се работи на подобрување на капацитетот на неколку институции, министерствата за земјоделство и за животна средина, Платежната агенција, Агенцијата за храна и ветеринарство, како и Агенцијата за поттикнување на земјоделството.

28.11.2013 - 13:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа