„Скопје 2014“ освои награда за најдобар ТВ спот

Промотивниот филм „Скопје 2014“ освои Golden Award - прво место за најдобар ТВ спот во најпрестижната категорија на спотови за  промоција на земја, регион или град на Интернационалниот Филмски Фестивал за Туризам „BITFF“ http://www.bitff.az/, кој се одржа од 20 до 24 ноември во Баку, Азербејџан.

Зад „Скопје 2014“ се најде промотивниот спот за Салцбург, Австрија, додека бронзата ја доби промотивниот спот за Азербејџан.

Фестивалот е во организација на Министерството за култура и туризам на Азербејџан, и има за цел да промовира филмови за различни аспекти на туризмот, да ги издвои филмовите кои најуспешно го промовираат домашниот и меѓународниот туризам и да ги промовира нивните автори.

Филмовите беа оценувани од жири составено од меѓународни кинематографи, како и експерти за патувања и туризам. Во рамки на фестивалот се одржаа и семинари, дискусии и размена на искуства помеѓу филмаџиите, експертите за туризам и медиумите.

Филмот „Скопје 2014“ е дело на агенцијата Омега Комуникации, а е изработен во продукција на Кино Око и во режија на Дарко Митревски, како дел од проектот Macedonia Timeless на македонската Влада. Освен освоеното злато, ТВ спотот заработи и трета награда на интернатионалниот фестивал „Загреб Филм Фестивал“.

 
28.11.2013 - 13:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа