Ристовски: Наша цел е Македонија да биде регионален образовен лидер

 

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, денеска информираше дека е потпишан Договор за соработка со Кембриџ, со кој македонските основци ќе учат по програми од Кембриџ.

- Бирото за развој на образованието заедно со тимот на Кембриџ во оваа 2013/2014 учебна година ќе почне да работи на адаптација на наставните програми од прво до трето одделение, за предметите математика и запознавање на околината. Врз основа на овие наставни програми, ќе бидат набавени учебници од кои сите ученици од прво до трето одделение ќе можат да ги изучуваат овие предмети од спетември 2014 година, на македонски, албански, турски и српски јазик, појасни Ристовски.

Министерот Ристовски потенцира дека воведувањето на наставните програми и учебници по математика и природните науки од четврто до шесто одделение, според него, е предвидено за учебната 2015/2016 година, а целосно заокружување на реформата е предвидено, година потоа, кога ќе бидат воведени наставни програми и учебници за ученици од седмо до деветто одделение.

- Дилемите дали одреден учебник или одредени наставни програми се добри или не, дали соодвестуваат на возраста или не, заминуваат во историјата, затоа што учениците во Република Македонија ќе учат по истите наставни програми и учебници, како и учениците од Велика Британија, адаптирани на нашите национални способности. Концептот на бесплатно обезбедување и достава на учебниците во сите училишта останува да се имплементира и понатаму, нагласи ресорниот министер.

Ристовски истакнува дека целта на договорот е Македонија да стане регионален образовен лидер.

Директор на Меѓународниот центар за наставни програми  - Кембриџ О'Саливан посочи дека целта во Македонија е да работат на подобрување на резултатите по математика и природните науки, почнувајќи од прво до трето одделение.

- Тоа ќе биде партнерство од кое се надеваме дека ќе научиме и ние од македонските образовни работници за предизвиците со кои се соочуваат и да работиме заедно на креирање нови решенија. Нашата мисија е да обезбедиме меѓународно образование од светска класа, преку високо квалитетни наставни програми, оценување и услуги. Ние сме светски најголемиот давател на услуги со програми и квалификации за меѓународно образование за ученици меѓу пет и 19 години, рече О'Саливан, додавајќи дека Центарот во моментов работи во над 160 земји.

27.11.2013 - 14:53
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега