Тренчевска на конференција во Женева: Социјалниот дијалог во државата го подигнавме на повисоко ниво

 

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се обрати на 110-та сесија на Меѓународната конференција на трудот, што се одржува во Женева, која е највисокото тело за одлучување на Меѓународната организација на трудот (ИЛО), чијашто членка е и Република Северна Македонија.

Како што соопшти  Министерството за труд и социјална политика, во своето обраќање Тренчевска ја истакна исклучително сериозната состојба предизвикана од последиците кои ги донесе пандемијата, економската и енергетска криза на глобално ниво, како и тековната војна во Украина, од чија неизвесност се погодени сите држави. Дополнително, посочи Тренчевска, континуираните одложувања со почетокот на преговорите за пристапување во Европската унија се разочарувачки и доведоа до намалување на поддршката за интеграцијата во ЕУ, како во регионот, така и во мојата земја.

– Искуството од првите две години од пандемијата ја нагласи важноста и потребата од функционален социјален дијалог и проактивен ангажман на социјалните партнери. Во Северна Македонија, нивото на социјален дијалог се зголеми во овој период, што доведе до подобрување на неговиот квалитет, градење консензус, опсег и зголемена интеракција. Учеството на високите претставници во Економско-социјалниот совет ја зајакна неговата улога и политичката посветеност на трипартитниот социјален дијалог, рече Тренчевска.

Министерката истакна  дека Економско-социјалниот совет е искористен на стратешки начин, ангажирајќи ги социјалните партнери како проактивни сојузници во креирањето на антикризните мерки. Во периодот на закрепнување, Советот продолжи да ги ангажира и организациите на работодавачи и синдикатите кои формално не се негови членки.

– Неодамна, соочени со опаѓањето на животниот стандард, а по преговори во Економско-социјалниот совет, Владата значително ја зголеми минималната плата за повеќе од 18 проценти во февруари 2022 година. Со оваа мерка се опфатени околу 17 отсто од работниците во земјата, рече Тренчевска.

Таа истакна дека македонскиот Економско-социјален совет е првиот што ја применил новата методологија за самооценување на МОТ за институциите на социјалниот дијалог. Ги идентификувавме слабостите и предизвиците во неговата инклузивност и ефективност и врз него изготвивме Акционен план, додаде министерката.

Тренчевска во своето обраќање повика на заедничка акција и дејствување и упати апел за итен прекин на војната во Украина, како и дијалог меѓу нациите за излез од кризата со финансиите, храната и горивото, дијалог во кој мора, како што рече, да се слушнат гласовите на работниците и работодавачите.

-Само преку социјален дијалог можеме да излеземе со одржливи и трајни решенија. Мојата Влада е подготвена. Ќе продолжиме заедно со синдикатите и здруженијата на работодавачи да се бориме против оваа криза, да обезбедиме пристојна работа и социјална правда, истакна Тренчевска во обраќањето​ на  сесијата на Меѓународната конференција на трудот во Женева.

08.06.2022 - 15:58

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега