Брисел да донесе одлука за Западен Балкан како да се продолжи после јуни, нон пејпер за постепена интеграција на регионот во ЕУ
Да се прати јасна порака со храбра одлука за Западен Балкан за тоа како да се продолжи понатаму после јуни. Крајно време e Северна Македонија и регионот да добијат силна и јасна порака од сите земји членки и институции на ЕУ за почеток на преговорите за членство за да се потврди нивната европска перспектива. Секое натамошно одлагање на почеток на преговорите може да има сериозни безбедносни последици за регионот и за Европа. Ова беа пораките од премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето и на средбите со неговите колеги на форумот „ГлобСек“ вчера во Братислава. Во меѓувреме, Австрија до земјите членки на ЕУ проследила таканаречен „нон пејпер“ кон крајот на мај, во кој се залага за нов пристап кон државите од Западен Балкан, со што би се овозможила „постепена интеграција во ЕУ“.
Ковачевски на панелот „Сега или никогаш: Откривање на европската иднина за Западен Балкан“ во рамки на форумот „ГлобСек“ рече дека ЕУ сега има два проблеми. Едниот се одлуките за Западен Балкан. Ако не се донесе одлука, кредибилитетот и важноста ќе и опадне и во моментот кога тие ќе опаднат, национализмот ќе почне да расте, што е нешто што може да се случи, а ние не сакаме да го видиме тоа.
Од друга страна, наведе Ковачевски, процесот за Молдавија, Грузија и Украина веројатно ќе биде сосема поинаков. Пристапувањето кон ЕУ, потенцира Ковачевски, требаше да биде процес што се заснова на заслуги и државата треба да ги имплементира вредностите на ЕУ, како што се демократијата, економскиот просперитет и социјалната правда. Во нашиот случај, појасни премиерот, 45 проценти од законодавството е усогласено и ако ја споредиме државата со други земји кои веќе преговараат неколку години, тогаш во различни поглавја ние сме многу подобри.
– Проблемот е во тоа што процесот заснован на заслуги е типично политички процес, каде поради начинот на носење одлуки во ЕУ една држава може да го блокира пристапувањето на земја кандидат, што се случува со Северна Македонија во моментот и тоа се прави исклучиво на политички основи и поради политички причини, истакна премиерот, потсетувајќи дека земјава 17 години е кандидат за членство во ЕУ.
Од друга страна, според Ковачевски, имаме нов геополитички развој на настаните и поинаква слика во Европа, каде што ЕУ треба да одлучува за начинот како да го задржи својот кредибилитет и својата важност на Западен Балкан затоа што ако ова е систем заснован на заслуги, а тоа го тврдат сите релевантни претставници на ЕУ, тогаш мора да биде таков принцип и начело за сите земји.
Свесен сум, рече премиерот Ковачевски, дека мора да постои и јасна визија и за Украина и за Грузија и Молдавија, затоа што тие земји и нивните граѓани сакаат да имаат демократско општество и да ја избираат својата иднина како економско просперитетни држави.
На прашање од присутните за тоа што се работи за двонасочен однос на ЕУ и земјите кандидати за членство, што ЕУ направи погрешно и дали е време да се смени овој колективен пристап и да се започне со приспособен пристап кон сите земји поединечно, премиерот Ковачевски оцени дека кога за еден процес е потребно предолго време тогаш довербата во тој процес и кредибилитетот опаѓаат, исто како што опаѓа и важноста на играчите што се вклучени во тој процес.
Тој додаде дека иницијативата „Отворен Балкан“ е практична имплементација и платформа за тоа како да се имплементираат четирите слободи.вНа маргините на форумот, Ковачевски оствари средба и со неговиот словачки колега Едуард Хегер на која се заблагодари за континуираните изјави на највисоки претставници на Словачка за недвосмислената поддршка за интеграцијата на земјава во ЕУ, каква што беше заедничката иницијатива со Чешка за блокирање на усвојувањето на заклучоците на ЕУ во однос на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан што содржат неприфатливи референци за некои историски прашања.
Премиерите Ковачевски и Хегер се согласија дека е крајно време Северна Македонија и регионот да добијат силна, јасна и кохерентна порака од сите земји членки и институции на ЕУ за почеток на преговорите за членство за да се потврди нивната европска перспектива.
Застојот во процесот на пристапување во ЕУ, беше речено на средбата, предизвикува силни безбедносни ризици, и сега е моментот конзистентните напори на Северна Македонија и Албанија да се препознаат од страна на ЕУ со што побрзо започнување на пристапните преговори без одлагање.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа