Претседателот Иванов засади дрвца во Драчево
Шефот на државата, Ѓорѓе Иванов, денеска во пресрет на акцијата „Ден на дрвото, засади ја својата иднина“ засади дрвца во дворот на градинката „8 Март“ во скопската населба Драчево. Претседателот засади дрвца заедно со градоначалничката Билјана Беличанец Алексиќ.
- Ми претставува особена чест и задоволство бидејќи оваа акција денеска почнува од Кисела Вода. Од името на граѓаните се заблагодарувам за присуството на претседателот на државата во нашата градинка, изјави градоначалничката Беличанец-Алексиќ по засадувањето на дрвцата.
Кристина Николовска од здружението „Ден на дрвото“ истакна дека со садењето дрвца во градинката „8 Март“ се покажува дека Здружението се грижи за децата и оти акцијата е голем пријател на децата, бидејќи шумите се неопходни за нивното здравје.
- Дечињата денеска ни покажаа како се сади со срце и како знаат да ја сакаат својата земја, но и планетата Земја. Имаме чест акцијата лично да ја поздрави преседателот Иванов заедно со неговата сопруга Маја. Тие се големи пријатели на акцијата „Ден на дрвото“ и денеска праќаат порака дека утре сите заедно масовно треба да излеземе на терените каде ќе се садат садници, нагласи Николовска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа