Двајца Италијанци сакале да внесат 12 килограми марихуана од Албанија во Македонија

 

Вчера  попладне околу 16 часот, за влез во Македонија се пријавил  45 годишниот италијански државјанин Р.Н. кој управувал со автомобил "Алфа ромео" со италијански регистарски таблички. Од македонската Царина информираат дека Р.Н. патувал со уште еден италијански државјанин, 32 годишниот В.М. Италијанците не пријавиле ништо за царинење, објаснувајќи дека одат на одмор во Македонија, а потоа и во Бугарија. Царинскиот службеник кој разговарал со Р.Н и В.М. одлучил да изврши рутинска контрола и во моментот кога ја отворил задната врата на возилото почувствувал необичен мирис и одлучил детално да го прегледа возилото и патниците.

Во багажниот простор на возилото, под задната шофершајбна, во двете предни поткрила, позади задното седиште, во предната внатрешната конзола помеѓу менувачот и вентилацијата, како и во просторот под хаубата во делот за вентилација под предната шофершајбна биле пронајдени  вкупно 24 пакувања со растителна тревкаста материја со зелена боја,. Пакувањата биле облепени со алуминиумска фолија, најлон и самолеплива лента. Со тестирање било утврдено дека тревкастата материја е всушност марихуана, во вкупна количина од околу 12 килограми.

Италијанските државјани и марихуаната биле предадени на царински инспектори од Одделението за истраги поради преземање на понатамошни предистражни дејстивија. Засега се собрани докази кои укажуваат дека двајцата осомничени заедно со уште едно лице, албански државјанин, на 8. мај годинава, се запознале со тројца албански државјани на аеродромот во Тирана, кои им понудиле да им продадат марихуана. Тие ја прифатиле понудата и заедно со новите познаници се упатиле кон некое планинско место оддалечено на половина час од Елбасан. Тие таму ја набавиле дрогата и ја сокриле во возилото.

Целта на осомничените била, преку Македонија, Србија, Хрватска и Словенија повторно да се вратат во Италија и таму да ги продадат 12-те килограми марихуана.  

Марихуана со ваков квалитет во големопродажба на  европските нарко пазари би достигнала цена од околу 30.000 евра, а дури 100.000 евра доколку би се продавала на мало.

Сторителите ќе одговараат за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

Извор: Канал 5

најчитано сега