Испарувањето на горивата на бензинските станици ќе се контролира со Закон

Сите инсталации и мобилни контејнери до 2019 и бензински станици до 2021 година да воспостават технички стандарди за заштита на животната средина заради заштита на воздухот од загадување од испарувањата што се јавуваат при користењето на бензините, предвидува законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини, информираше денеска на прес-конференција министерот за животна средина и просторно планирање, Адеми.

- Со спроведувањето на законот се очекува намалување на загадувањето од воздухот од испарливите органски соединенија при што 90 отсто од испарувањата на бензини ќе бидат зафатени и вратени во резервоарите. Со испуштањето на испарливите органски соединенија економските оператори трпат загуба и доколку тие се зафатат можат да бидат вратени во терминалите за складирање, при што се намалува загубата на бензини и тоа до 0,15 проценти на еден литар бензин. Особено намалување на испарувањата се очекуваат во близината на бензинските станици што ќе придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот во градските средини каде се лоцирани бензинските станици, истакна Адеми, кој додаде дека законот е веќе влезен во собраниска процедура.

Во Република Македонија, рече, постои еден производител на бензини - рафинеријата Окта, неколку поголеми дистрибутери кои имаат свои терминали за складирање на бензини, како Макпетрол и Лукоил, поголем број на економски оператори кои имаат бензински станици и неколку економски оператори кои вршат транспорт на бензини.

- Опремата со која располагаат економските оператори не ги задоволува во целост стандардите за заштита на животната средина и само дел од нив имаат опрема за зафаќање на испарливите органски соединенија при преточувањето на бензините на терминалите. Бензинските станици само мал број ги зафаќаат испарувањата од бензините при нивното преточување во возилата и ги враќаат во резервоарот, истакна Адеми.

Ресорното Министерство, спроед Адеми, добило поддршка за донесувањето на овој закон од страна на засегнатите страни од причина што стандардите за заштита на животната средина од овој закон се веќе применети во земјите со кои соработуваат стопанските субјекти во Македонија.

25.11.2013 - 13:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега