Благодарност до САД за поддршката за независноста на Македонија
Во Амбасадата на Република Македонија во Вашингтон се одржа концерт на џез музичарот Владимир Четкар, на кој присуствуваа претставници на Владата, дипломатскиот кор и македонската дијаспора во САД. Kонцертот се одржа во чест на празникот Денот на благодарноста, но и во чест на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и САД.
- Сакаме на овој начин да им изразиме благодарност на САД за нивната поддршка кон независноста на Македонија, изјави амбасадорот на Македонија во САД Зоран Јолевски.
Во декември 1993 година САД го именуваа Виктор Комрас за првиот шеф на дипломатската мисија во Македонија, за неколку месеци подоцна и формално да ја признаат Република Македонија.
Министерот Бил Павлевски, кој е во САД за промоција на инвестициите во Македонија и присуствуваше на приемот, ја истакна големата заинтересираност на американските компании за инвестирање во Македонија и изрази надеж дека наскоро ќе биде потпишан договорот за слободна трговија меѓу САД и Европската Унија.
- Изминатите денови имавме доста средби на средниот запад, во Кливленд, Милвоки, Минеаполис, со компании кои се заинтересирани да го прошират својот бизнис во Европа и кои ја разгледуваат Македонија како дестинација. Ги презентираме потенцијалите за водење бизнис во Македонија, добрите услови и квалификуваната работна сила.
Станува збор за компании кои го покриваат европскиот пазар, но се во потрага на локации од каде можат да го прошират пазарот кон Блискиот Исток и Северна Африка, со производи со повисока додадена вредност, објасни Павлески. Тој додаде дека била одржана продуктивна средба со раководството на Џонсонс контролс и биле разгледани можностите за дополнителни нивни инвестиции во Македонија, изјави министерот Павлевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа