Груевски: Наскоро тендер за 80 нови локации за изградба на мали хидроелектрани

 

 

Премиерот Никола Груевски денеска најави дека Владата наскоро ќе објави тендер за издавање под концесија 80 нови локации ширум земјава за изградба на мали хидроелектрани.

- До крајот на годинава постапката ќе биде отворена, а се надевам и дека ќе биде завршена. Новина е што овој пат имаме подобро подготвени тендери со направена физибилити студија за секоја од локациите, така што секој инвеститор однапред ќе знае каква хидроелектрана може да се направи, која е нејзината вредност, слабост и предност и со колкава моќ може да располага. Во 80-те мали хидроелектрани ќе се вложат 176 милиони евра, рече премиерот Груевски, одговорајќи на новинарско прашање по свеченото отворање на основното училиште „Битолски Конгрес“ во Скопје.

Груевски истакна дека подобрениот тендер ќе биде и олеснување за државата бидејќи ќе се знае точната моќ на хидроелектраните што ќе се градат и на тој начин, нагласи, ќе може да се групираат подобри со послаби и да се продаваат како концесии во пакет. Тој информираше дека досега се издадени 60 концесии за мали хидроелектрани од кои дел се започнати да се градат, а дел од нив наскоро би требало да почнат да се градат.

- Нашиот зацртан план е да имаме 400 мали хидроелектрани и за толку се одредени места дека може да се направат низ Македонија. Како завршуваат  физибилити студиите дел по дел ќе ги објавуваме, рече Груевски и додаде дека веќе се работи на следната фаза.

Според него, изградбата на малите хидроелектрани ќе биде значајна за енергетскиот потенцијал на Македонија.

- Иако се мали, со оглед дека се многубројни, кога ќе се соберат на куп ќе бидат значајна енергетска поддршка и ќе обезбедат поголема стабилност на енергетскиот систем на Република Македонија, рече Груевски.

Потсети дека Владата во овој момент преку АД ЕЛЕМ инвестира околу 33 милиони евра во ревитализација и модернизација на шесте големи хидроелектрани во Македонија.

- Ревитализацијата и модернизацијата на големите хидроелектрани треба да заврши до крајот на идната година. Со тоа не само што ќе им се подобри векот, туку ќе им се зголеми и капацитетот, нагласи Груевски. 

21.11.2013 - 14:29
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега