Четириесет деца без родители ќе се вселат во нови и опремени станови

 

Четириесет деца без родители и родителска грижа до 18-тата година, од март 2014. ќе може да се вселат во целосно опремени станови обезбедени од државата, информираа денеска министрите за транспорт и врски и за труди и социјална политика, Миле Јанакиески и Диме Спасов. Според нив, оваа одлука за доделување и опремување на становите била донесена на последната владина седница. 

Становите, кои ги обезбеди Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор во државна сопственост, се лоцирани во Скопје, Дебар, Охрид, Кратово, Штип, Струмица, Гевгелија, Радовиш, Велес, Богомила, Кавадарци, Прилеп и Битола.

Децата без родители и родителска грижа ќе добијат станови со целосно опремени дневна соба, трпезарија, кујна, спална соба, а дополнително ќе биде набавена и бела техника. Како што информираше Јанакиески, опремувањето ќе чини околу три милиони денари. Во меѓувреме ќе се распише јавен повик за потребните набавки за да може становите од март да бидат подготвени за вселување, најави Јанакиески.

Становите што се доделуваат се со површина од 35 до 47 метри квадратни, а главните критериуми за распределбата се покрај основниот услов да се доделат на деца без родители и родителска грижа што не биле институционално згрижени до 18-тата година, ќе се земат предвид бројот на годините од напуштањето на домот, како и евентуално стекнатиот имот во меѓувреме.

- Овој проект се реализира со цел излегување во пресрет на децата без родители и родителска грижа кои откако ќе излезат од детски дом едноставно немаат доволно средства за опремување на просторот за живеење и најчесто живеат во супстандардни услови. Со опремувањето на овие станови ќе се овозможат достоинствени услови за живот на овие лица, рече министерот Јанакиески.

Според Спасов, мал е бројот на децата од оваа категоријакои веќе се излезени од детските домови, а не им е решено станбеното прашање. На тие кои се уште не добиле стан од државата им се плаќа закуп. Освен ова, децата без родители добиваат и  парична помош по различен основ, како и мерки за нивно вработување.

 

Во тек е изградба на три згради со социјални станови од страна на државата, а наскоро ќе почне изградба и на уште една. Со проектот за изградба на социјални станови што се реализира е предвидена изградба на 35 објекти во 26 грда во државата со вкупно 1.753 станови.

21.11.2013 - 12:59
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега