Жидан: Македонија направи важни чекори во земјоделството

Повеќе пари за младите, помалку администрација и производство што ја чува животната средина, се трите нови правци кон кои ќе се движи земјоделството во ЕУ до 2020 година.

Словенечкиот министер за земјоделство и екологија  Дејан Жидан, во интервју за МИА вели дека ЕУ се повеќе го форсира т.н. „грининг“ или раззеленување што подразбира интензивно вклучување на еколошките мерки во земјоделското произодство.

- Тоа ќе биде обврзно. Секој што сака да добие субвенции, ќе мора да се раководи по овој нов принцип. До 2020 година ќе се обезбедува и помош за младите земјоделци кои ќе ги преземаат стопанствата од своите родители, татковци/мајки. Тие ќе добиваат еднократна парична помош од околу 23.000 евра. Производителите до 40 години, освен стандардна поддршка, ќе добиваат плус 25 отсто, истакнува Жидан и додава дека во ЕУ сега има нов приоритет, сигурноста на храната и т.н. хигиенски пакет. Унијата ќе ги промени правилата и уште повеќе ќе ги заштити потрошувачите. На тоа мора да се прилагодат сите земји, вклучувајќи ја и Македонија.

Според него, Македонија во последниве години направила многу важни чекори во земјоделството. Останува забелешката за малите, ситни стопанства што, според Жидан, е карактеристика на повеќето источни земји.

- Македонија направи многу важни и тешки чекори во приближувањето кон ЕУ. Навистина сте на добар пат. Добро е кога државата правовремено ќе се синхронизира, така, во моментот на забрзување на процесот ќе нема проблеми. Ако во последен момент ги реализира работите, може да направи грешки.... она што треба, мора да се направи навреме зашто во моментот кога ќе се забрза процесот на приклучување кон ЕУ, тогаш нема време, вели Жидан во интервјуто кое МИА ќе го објави утре.

 

21.11.2013 - 10:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа