Лицата со хендикеп имаат право да бидат рамноправни како сите

Се одржа денеска  Јавна дебата за „Иницијативата за унапредување на законот за вработување на инвалидни лица“ како дел од активностите на проектот „Способност vs неспособност“ поддржан во рамките на  ЕИДХР програмата на Европската Унија.

Државниот советник во Министерството за труд и социјална политика Душко Миноски посочи дека постоечкиот закон има свои резултати, но како што кажа, секогаш може да се подобри.

- Треба да престанеме да размислуваме дека ги сожалуваме или не ги сожалуваме овие лица бидеќи едноставно согласно Уставот и постоечките законски прописи, лицата со хендикеп имаат право на еднакви можност односно да бидат рамноправни со сите останати според работните способности што ги имаат, истакна Миноски.

Моменталното решение за лицата со хеникеп е старо 30 години, рече пратеникот во Собранието на Македонија Павле Саздов и додаде дека сите предлози кои ќе се добијат од ваквите дебати ќе помогнат да се изведат заклучоци за законското решение.

Амбасадорот на Австралија во Србија, акредитиран за Македонија и Црна Гора Хелена Студерт изрази задоволство што е дел од оваа дебата каде што може да ги сподели австралиските искуства во измените на законот за вработување на инвалидни лица.

- Согласно измените во законот и австралиските искуства ќе помогнеме и лицата со хендикеп од Македонија да имаат подостоинствено вработување и подобри месечни приходи како од аспект на нивните права односно од состојбата на нивното работно место, од аспект на  пристапност и достапност, така и од аспект на нивните човекови права, рече Студерт.

Меѓународните правни стандарди недвосмислено наведуваат дека правото на пристојна работа и слободен избор на вработување за лицата со хендикеп е есенцијално за нивната егзистенција и благосостојба.

20.11.2013 - 13:43

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега