Јанакиески: За легализираните куќи до 500 квадрати откуп на земјиштето по евро за квадрат

З

емјиштето на легализираните семејни куќи од денеска може да се откупи по цена од 61 денар за метар квадаратен за парцели до 500 метри квадратни. За ова денеска информираше министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

Според  Јанакиески,  досега во целата држава се легализирани околу 60.000 објекти. Во Агенцијата за катастар на недвижности се запишани 58.400 објекти, од кои 586 на правни лица, а останатите на физички лица. Запишани се и 692 базни станици.

- Направените анализи покажуваат дека најголем дел од куќите предвидени со урбанистичкиот план се до 500 метри квадратни. Таму каде што има поголеми дворови ќе се плати повисока  цена согласно правилникот зависно од местоположбата и општината, наведе Јанакиески.

За индустриските објекти, додаде, нема ограничувања за квадратурата на парцелата. Цените што ќе се плаќаат за земјишето под објект се еднакви со ценовникот  на Министерството за финансии и  варираат од 240 до 480 денари за метар квадратен во зависност  од општината и регионот. Дворовите, пак,  се приватизираат по цена од евро за метар квадратен.

- Очекуваме со овој процес и со давањето поволна цена пред се за индивидуалните куќи да овозможиме целосно затворање  на циклусот на сопственост на земјиштето  каде што има нелегално изградени објекти, рече  Јанакиески.

Според министерот за транспорт, засега не се планира пролонгирање на рокот за доставување елаборати за легализирање на објектите, што истекува во јуни догодина, но целиот процес се следи.

18.11.2013 - 14:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега