Ристовски: Подобрување на одредбите за згрижување деца и лица во згрижувачки семејства
Подобрување на одредбите за згрижување деца и лица во згрижувачки семејства, подобро нормирање на остварувањето и користењето на правото на додаток за мобилност и слепило, доуредување на процесот на лиценцирање на социјалните работници, како и давање можност корисниците на социјална помош сезонски да се вработуваат или да користат државно земјиште на плодоуживање, без притоа да го изгубат ова право се дел од измените и дополнувањата на Законот за социјална заштита кои денеска на собраниската Комисија за труд и социјална политика беа усвоени во прво читање.
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски образложувајќи ги измените и дополнувањата истакна дека со нив се унапредува социјалната заштита за категориите кои се опфатени со него.
- Се зајакнуваат критериумите за тоа кој може да биде згрижувач, со што се намалуваат можностите за злоупотреба, но и за зголемување на квалитетот на згрижувањето во згрижувачки семејства. Се дава и можност згрижувачите кои во период од најмалку пет години згрижувале деца, да можат да остварат право на пензија доколку тоа не можат да го направат по друг основ, рече Ристовски.
- Со измените се дава право на здравствено осигурување на лица кои биле жртви на трговија со луѓе, се допрецизира процесот на лиценцирање на лицата кои се вклучени во социјалната заштита, како и се утврдува и критериум за избор на директори на установите. За нив се воспоставува и менаџерски договор со цел да можат да можат да бидат санкционирани доколку ја злоупотребуваат функцијата, рече министерот за труд и социјална политика.
Поддршка за измените и дополнувањата дадоа и пратениците од СДСМ, кои сметаат дека со нив, како што истакна Цветанка Иванова, се зголемуваат правата на социјално ранливите групи и опфатот на лицата со социјална заштита.
Комисијата за европски прашања денеска исто така го даде на натамошно читање предлог-законoт за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита, како и измените и дополнувањата на Законот за надзор на пазарот.
Билјана Стојанова, претставник на Министерството за економија, рече дека текстот на законот се усогласува со директивата 765 од 2008 година на Европската комисија, кога Унијата првпат ја регулира областа на пазарот. Кон измените и дополнувањата се пристапува според препораките на ЕК по скринингот на основниот текст на Законот за надзор на пазарот.
ФОТО:Денешен