ВИДЕО: Почна протестната блокада на ВМРО-ДПМНЕ
Почна протестот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред Министерството за надворешни работи.
Опозицијата денеска ги блокира МНР и Владата. Блокадата ќе трае до 14:00 часот, а се бара оставка од премиерот Зоран Заев, но и тој јавно да каже за што тајно се преговарало овој викенд во Софија.
Со свирчиња и со извикување „Оставка“ прврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ го искажуваат своето незадоволство од развојот на македонско-бугарскиот спор.
-Денес е време на историски моменти. Денес се моменти кога се одлучува за иднината на македонскиот народ, македонската нација и македонската држава. ВМРО-ДПМНЕ бара од Зоран Заев јавно да каже за што тајно се преговараше овој викенд во Софија. Заев продолжи за најважните работи да молчи и преговорите за идентитетот, јазикот историјата ги крие од јавноста, велат од опозицијата.
Блокада има и пред зградата на Владата. Потпретседателот на партијата, Александар Николовски пред граѓаните побара оставка од Заев за да престанат националните понижувања.
-Денес оставка затоа што за пусти пари распродаваат работи што не се продаваат. За да им работат фирмите во Струмица, ама и фирмите во Бугарија. Преговараат за најсветото, за достоинството на македонскиот народ и темелите на македонската држава, рече Николовски, додавајќи дека не смее да има преговори за работи што се познати и кои се факти.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа