Николовски поднесе оставка во Собранието, ама останува генерален секретар на СДСМ

 

Љупчо Николовски е вториот од новоизбраните пратеници на СДСМ кој попладнево поднесе оставка во Собранието, откако тоа прв го направи лидерот на партијата Зоран Заев, како мандатар за состав на новата влада, објави „360 степени“.

Веќе е закажана седницата на која вечерва парламентот треба да го верификува мандатот за пратеник на следниот кандидат на коалицијата „Можеме“ во третата изборна единица, каде што носител на листата беше Николовски. На негово место, во парламентот повторно влегува Зекир Рамчиловиќ, кој при крајот на мандатот на претходниот собраниски состав беше избран за потпретседател на парламентот, откако ја напушти независната пратеничка група која произлезе од ВМРО-ДПМНЕ.

Иако статутот на СДСМ ја ограничува можноста генералниот секретар во исто време да биде дел од извршната власт, од партискиот врв велат дека Николовски останува на главната оперативна функција на „Бихаќка“. Како што велат од СДСМ за „360 степени“, поради тоа што е генерален секретар, Николовски не преземал обврска да биде ресорен министер, иако имало и такви комбинации. Затоа, како што велат од СДСМ, Николовски ќе биде еден од потпретседателите во новата влада и ќе координира ресори, за да може да остане и генерален секретар на СДСМ.

Николовски ќе остане генерален секретар на владејачката партија најрано до следната пролет. Како што најавуваат од СДСМ, во април или во мај 2021 година треба да се одржи редовниот изборен конгрес на партијата, со оглед на тоа што истекува четиригодишниот мандат на лидерот Заев, како и на другите функционери и членови на партиските форуми за чиј избор одлучуваат делегати.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

25.08.2020 - 19:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега