Мобилните најмалку ги користиме за да се јавиме некаде
Програмери и претприемачи на мобилни апликации, бизнис експерти, технолошки иноватори и инвеститори се дел од дводневниот Камп за мобилни апликации и технологии Mobile AppCamp, што од денеска се одржува во Скопје, во организација на Фондација Претприемачки Сервис за Млади (ПСМ).
Заменик-министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска денеска истакна дека најновите истражувања на Гартнер покажале дека оваа година кога користењето на мобилни телефони ќе го земе приматот над компјутерите како средство за пристап на интернет. Според најновите истражувања, користењето мобилни телефони, односно воспоставувањето повици во класична смисла на користење телефон, која сите ја познаваме, е петтта по ред функционалност на мобилните телефони, по користење на различни апликации, праќање на е-маил пораки, сурфање на интернет, слушање музика.
- Ако знаеме дека во светот има повеќе од 1,7 милиони комерцијално достапни мобилни апликации кои се симнати повеќе од 65 милијарди пати и овој број секојдневно се зголемува, тогаш можеме да кажеме дека ова е вистински настан кој одразува една исклучително актуелна тема, рече Арсовска Томовска.
Како Влада, потенцира таа, втора година го поддржуваме овој настан бидејќи ова е место каде се среќаваат младите претприемачи, млади програмери, развивачи на мобилни апликации и нивните поискусни колеги.
- Ова е и одлична можност да се најдат потенцијални инвеститори за иновативните апликации на младите програмери, рече Арсовска Томовска.
КоординаторОТ на проектот Камп за мобилни апликации и технологии-Mobile AppCamp, Александар Филиповски објасни дека целта на овој проект е да се забрзаат иновациите во доменот на мобилните апликации, да се овозможи менторирање од страна на светски консултанти за македонски учесници и од регионот.
- Утре ќе има инвеститори кои ќе бараат апликации кои имаат потенцијал за да инвестираат. На кампот ќе се претстават 25 мобилни апликации, а од кои 20-тина се од Македонија, а имаме учесници од Србија, Шведска и Хрватска, рече Филиповски.
Меѓу панелистите на вториот Камп на мобилни апликации, најавено е утре да присуствува министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак.
Над 50 млади програмери и бизниси од Македонија и регионот ќе имаат можност да ги промовираат своите мобилни апликации пред потенцијални инвеститори и да формираат партнерства со успешни претприемачи од мобилната индустрија од Шведска.
Извор: МИА