Нема Владика што би ги решил проблемите со црквите во Австралија
Помина речиси цела година откако Синодот реши во австралиско-новозеландската епархија покрај администраторот г. Петар, за координатор за црковните општини што не ја признаваат неговата јуриздикција да го постави и дебарско-кичевскиот митрополит и портпарол на МПЦ-ОА, г. Тимотеј. Иако се очекуваше тоа да донесе смирување на состојбите меѓу тамошните претставници на македонските црковни општини, како и да се најде начин како да се регистрира австралиско-новозеландската епархија, како правен субјект во Австралија, сепак, тоа не се случи. Одолговлекувањето на решението, како и доаѓањето до трајно решение околу сопственоста на имотите на црквите, последните месеци го зголеми нетрпението кај македонските иселеници што живеат во Австралија.
Очигледна е и незаинтересираноста на владиката Тимотеј, кој не се одзва на поканата на Здружението на македонските заедници да ја посети Австралија. Досега неколку пати нагласи дека се додека во тамошните цркви служат расчинети свештенеци, нема да се создадат услови да ги посети македонските црковни општини во Австралија.
За Прес24 потенцираше и дека не може да служи со расчинети свештеници во најголемите македонски цркви. Рече дека не сака работите да се сменат само за неговото доаѓање, а потоа некој распоп да се врати и да продолжи со служење во истите цркви. Тоа не би било прифатливо ниту за него, ниту за МПЦ, како верска институција.
Владиката Тимотеј вчера изјави дека кога ќе дошло вистинското време, тогаш ќе одел и во Австралија.
- Ако не отидам јас во Австралија, ќе оди некој друг. Не ја губам волјата за решавањето на проблемите во таа епархија. Сметам дека тие таму ја изгубиле волјата. Јас не можам да менувам норми и закони на црквата-објасни г. Тимотеј.
Веќе е познато дека речиси никој од владиците во Синодот на МПЦ, не сака јавно да коментира, ниту пак да дава какви било сугестии и решенија за проблемите во епархијата.
Верските аналитичари велат дека очигледно во Синодот нема владика кој би се нафатил на решавање на австралискиот црковен спор.
Некои од великодостојниците во неофицијални разговори велат дека не би прифатиле да бидат дел од таа епархија, зашто не сакале да се замеруваат со надлежниот администратор, владиката Петар.
ОСПОРУВАЊЕ НА РАСЧИНЕТИТЕ СВЕШТЕНИЦИ
Јасно е дека најважно за мирот на австралискиот континент е да се реши и прашањето со спорните расчинети свештеници. Во резолуцијата на Здружението на македонските општини точно се посочува дека ако Синодот смета оти некои свештеници што служат во македонските православни општини (заедници) во Австралија биле валидно расчинети, тогаш да ги достават доказите, транскриптите, пресудите според кои ќе се утврди дали има вистинска основа за нивно оспорување.
Игор Аврамовски Александров, претседателот на Здружението вели дека е спорно дали оние свештеници за кои Петар тврди дека се расчинети се валидно расчинети.
Додава дека во храмовите се останати се уште само четворица „спорни“ свештеници, кои г. Тимотеј не смее да ги стави под своја директна надлежност заради одлуки на Синодот донесени под притисок на Петар.
Според него, Синодот е свесен дека тие свештеници имаат по десетина до дваесет пати повеќе верници од што имаат свештениците на Петар, во паралелните храмови во непосредна близина.
СИНОДОТ МОЛЧИ И ЗА СВЕШТЕНИЦИТЕ ВО РПЦ
Двајца расчинети свештеници од страна на владиката Петар, веќе се дел од Руската православна црква, каде служат без никаков проблем. Пред еден месец, Прес24 објави дека веќе извесно време, Љупчо Двојаковски и Јон Димитров, поранешни свештеници ан МПЦ во Австралија, а расчинети од владиката Петар, се дел од Руската православна црква и служат во тамошните цркви. Овие двајца македонски свештеници, ракоположени во МПЦ, а потоа суспендирани од администраторот, владиката Петар сега причестуваат, крштеваат и венчаваат верници на РПЦ.
Ниту на ова свое мислење не кажа ниту еден владика, челн на Синодот.Нивната индиферентност оди дотаму да кажат дека доволно не ги познаваат состојбите на австралискиот континент.
Познато е дека македонските црковни општини во дијаспората имаат специфичен карактер. Тоа се заедници чија матица е црквата. Тие центри ги обединуваат македонските иселеници. Црквата и луѓето кои ги создавале овие центри мораат меѓусебно да ги разграничат своите ингеренции.