Поставено огромно знаме со ликот на Путин во Прага

 

Во Прага денеска е поставено огромно знаме со портретот на рускиот претседател Владимир Путин, јави дописникот на МИА. Знамето било поставено во паркот на местото каде пред 50 години стоеше споменикот на советскиот диктатор Јозеф Сталин.

- Гестот треба да не потсети на опасноста од враќањето на минатото, изјави Лудек Валхар од граѓанското здружение ,,Декомунизација", кое е организатор на настанот.

Денот не е случајно одбран, од 14 часот денеска и утре претпладне во Чешка се одржуваат предвремени парламентарни избори, а Комунистичката партија на Чешка и Моравија (КСЧМ), според анкетите е на второ место по можниот број на освоени гласови.

Поставувањето на ликот на Путин на местото на поранешниот споменик на Сталин, според организаторите треба да предупреди на опасноста од враќање на Чешка во „пазувите“ на Русија.

- КСЧМ (Комунистичката партија на Чешка и Моравија), партијата на (чешкиот претседател) Милош Земан и дел од Социјалдемократската партија сакаат да не упатат кон Исток. Со овие избори ни се заканува авторитарна држава диригирана од Кремљ, рече Валхар, повикувајќи ги луѓето да гласаат со повеќе свест.

Целта на Здружението е „со потсетување на злоделата на комунистите од минатото, да се намали нивното влијание во сегашноста“.

Пред неколку дена, со цел да се укаже на погрешната политика кон која претседателот на државата, Милош Земан ја води Чешка, во водите на реката Влтава во Прага, уметникот Давид Черни постави огромен споменик на кренат среден прст насочен кон Претседателската резиденција

25.10.2013 - 14:39

најчитано сега