Стаменковска-Стојковски: Речиси 35.000 вработени во јавниот сектор се изложени на ризик ако има избори

Негрижата за вработените во јавниот сектор и за другите учесници во изборниот процес е својствено за Владата на СДС, заканите, уцените и притисоците на работното место во институциите кулминира со изложувањето на речиси 35.000 вработени во јавниот сектор како топовско месо, кои немаат избор и мора да се појават на избирачките места, обвини заменик-министерката за информатичко општество и администрација, Невенка Стаменковска-Стојковски.

Таа вели дека административните службеници се должни да учествуваат во работата на органите во кои се избрани за организирање и спроведување изборна постапка, а доколку одбијат учество, прават потешка повреда на службената должност, односно дисциплински престап.

Од друга страна, додава таа, работодавецот има обврска да обезбеди безбедност и здравје при работа за своите вработени од секој аспект поврзан со работата, а работникот има право да одбие извршување на работата доколку е изложен на непосредна опасност за здравјето или за животот кога не се спроведени безбедносните мерки и да побара нивно отстранување.

„Доколку вонредната состојба оваа Влада на СДС ја користеше за справување со пандемијата, со последиците од пандемијата и за заштита на здравјето и животот на граѓаните, сите институции до денес ќе имаа протоколи за работа, утврдени ризици и ажурирани изјави за безбедност за сите работни места. За жал, нема ниту една институција која испланирала или презела превентивни мерки за спречување или намалување на ризиците во врска со безбедноста и здравјето при работа на сите нивоа на работа во институцијата“, напиша Стаменковска-Стојковски на „Фејсбук“.

Таа апелира до одговорните лица во институциите доследна примена на Законот за безбедност и здравје при работата.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

21.05.2020 - 14:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега