Села: Оптимален термин за избори е крајот на јули или почетокот на август

 

Алијанса за Албанците смета дека крајот на јули или почетокот на август би било најоптимално време за избори.

- Ако зборуваме од здравствен аспект, избори ќе треба да се случат кога конечно ќе се подобри состојбата со ковид-19, а кога ќе биде тоа, никој не може да предвиди. Од друга страна, колку што е важна борбата против епидемијата, исто е важна и демократијата во нашата држава. Ние не треба да дозволиме да влеземе во тоталитаризам, па затоа, паралелно со оваа битка, треба да организираме и избори. Без исклучок, досега сите експерти тврдат дека со високите температури, вирулентноста на вирусот паѓа, па затоа мислам дека изборите треба да се случат во услови кога температурите во Mакедонија ќе бидат високи. Има најави дека наесен ќе се случи нов бран епидемија со ковид-19, така што не треба да се чека есен за да се одржат изборите. Летото е една опција, но потоа треба да имаме предвид дека Македонија е сè уште незрела демократија, па не може да си дозволи да одржи избори без присуство на меѓународната набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР, а предуслов за нивното присуство тука е отворањето на границите. Исто така, изборната листа треба да се коригира, затоа што во меѓувреме со право на глас се стекнале и многу други граѓани што навршиле 18 години. Имајќи го предвид ова, ние како Алијанса за Албанците мислиме дека крајот на јули или почетокот на август би било најоптимално време за избори - кажа лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села во интервју за „Слободен печат“.

Тој истакна дека не се плаши од коронавирусот, но дека е претпазлив и внимава на себе.

-– Не, не се плашам, им препорачувам и на граѓаните да не се плашат, бидејќи тоа би ја комплицирало нивната здравствена состојба, креирајќи непотребни психози кај нив. Но, да, претпазлив сум, како што треба и сите да бидат. Секој треба да ги почитува мерките за претпазливост и насоките што ги даваат СЗО и Министерството за здравство. Социјалната дистанца е главниот и, за жал, засега единствениот начин сега да се добие оваа битка сè додека не се открие вакцина. Државата има проследено мерки што ги препорачува СЗО, а најзаслужни што ситуацијата е сè уште под контрола се граѓаните, кои се свесни за капацитетот на нашиот здравствен систем и се придржуваат кон препораките. Во неколку наврати Владата без потреба создаде паника ад-хок прогласувајќи полициски час, придонесувајќи за непотребно собирање на граѓаните пред маркетите за да купуваат храна и на таков начин се ставаат во ризик и нивните животи и целокупната здравствена состојба во државата. Оваа криза не се решава со создавање паника, туку со смирени и добро анализирани одлуки. За жал, нашата препорака за масовно тестирање на секое домаќинство, Владата не ја зеде предвид и на тој начин не го искористи адутот што го имаат малите држави за полесно контролирање на болеста. Во РСМ нема повеќе од 600 илјади домаќинства и ние можевме со не повеќе од пет милиони евра да добиеме јасна слика за тоа кој сè е заразен со ковид-19 и одамна ќе немавме вонредна состојба и денес сите бизниси ќе беа отворени, што значи полесно ќе ја пребродевме и економската криза. Наместо карантин и изолација за сите граѓани, ќе имавме карантин само за заразените. Недостасува и финансиска помош за граѓаните. Таа се најавува дури сега, паралелно со најавата за брзи избори. Тоа не е помош туку поткуп. И за време на пандемија, за жал, се финансира партиска припадност, познанства итн. За жал, Владата ја гледа здравствената криза под лупа на изборите што нè очекуваат и затоа дебело ќе ја платиме и сметката од економските последици на ковид-19 - кажа Села.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.05.2020 - 09:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега