Мицкоски: Да ги слушнеме ставовите на лидерската, па ќе коментираме за избори

 

ВМРО-ДПМНЕ во однос на датум за парламентарни избори засега останува на истиот став, и како што велат, за нив најважно е здравјето на граѓаните, но лидерот на партијата Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција рече дека ќе ги почекаат ставовите од лидерската средба во вторник кај претседателот Стево Пендаровски и ќе излезат со свој коментар.

-Да видиме какви ќе бидат проценките на Советот за безбедност, каков ќе биде ставот на претседателот Пендаровски па потоа може да излеземе со коментар на самата лидерска средба која ќе се случи веќе во вторник, рече Мицкоски.

Кога и да се случат предвремени парламентарни избори или парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на нив, потенцира тој, повторувајќи дека во моментот изборите не се во првите три приоритети на партијата. Најважно е, рече тој, здравјето на граѓаните.

Коментирајќи ги најавите на министерот за здравство Венко Филипче дека утре, меѓу другото, Комисијата ќе расправа за тоа дали има услови за одржување парламентарни избори, Мицкоски апелираше дека до луѓето кои се дел од оваа Комисија, а кои се професори и лекари и имаат положено заклетва, при носењето на одлуката прв приоритет да им биде здравејто на граѓаните, а не желбите на Заев и на СДСМ.

-Во услови кога како што добивам информации следно жариште ќе ни биде Велес, ние утре ќе имаме состанок на Комисијата на Филипче која треба да излезе со позиција. Јас сум сигурен дека доколку Филипче и останатите одлучат да постапат како лекари, луѓе кои навистина се грижат за здравјето на граѓаните немам дилема дека ставот ќе им биде поразличен од оној на желбите на Зоран Заев, на Радмила Шекеринска, и на раководството на СДСМ. Но доколку Филипче одлучи да биде слуга на желбите на Зоран Заев и на Радмила Шекеринска тогаш можам да ви го кажам веднаш резултатот од утрешната средба, а тоа е дека не постои никаква опасност, дека практично се е како што треба, дека блескаме и дека Македонија е во истата онаа состојба од пред пандемијата, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.05.2020 - 14:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега