Владата ќе објави нов тендер за хидроцентралите Чебрен и Галиште

Владата наскоро ќе го објави 10. тендер за реализација на проектот за изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште на Црна Река.

- Условите на новиот јавен повик за реализација на постапката за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река, познат како ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште, се на некој начин балансирани помеѓу потребите на државата и барањата на идните концесионери, рече министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми на денешната прес-конференција во Владата.

Адеми истакна дека новиот тендер предвидува висината на браната на ХЕЦ Чебрен да биде флексибилна помеѓу 182,5 и 192,5 метри со индикативен минимален вкупен инсталиран капацитет од 333 мегавати и можност за поставување на четири агрегати на ХЕЦ Чебрен. Исто така, се предвидува да се овозможи изградба на прибранска хидроцентрала на браната Орлов Камен со која нема да биде оневозможено градењето на ХЕЦ Галиште во иднина. Минималниот процент кој идниот концесионер треба да го понуди за АД ЕЛЕМ во заедничката компанија да не биде под 35 отсто. Кога ХЕЦ Чебрен ќе работи со пумпен режим цената за пренос на електрична енергија која се плаќа на АД МЕПСО да биде фиксна и да важи за целиот концесиски период на ниво од тарифата за 2013 година определена во висина од 4,4 евра по мегават-час, рече Адеми и додаде дека ХЕЦ Тиквеш ќе се отстапи на концесионерот три месеци по потпишувањето на договорот за концесија.

Со ваквите измени, како што нагласи, се очекува успешно завршување на тендерот кој ќе биде објавен во домашните и во еден од странските весници.

- Постапката за доделување на концесија ќе ја спроведе комисија во која ќе бидат вклучени сите релевантни институции од областа на водите, енергетиката, економијата, транспортот и финансиите, а тендерската документација со предвидените измени ќе ја подготви Интернационалната финансиска корпорација - ИФЦ, нагласи Адеми.

19.10.2013 - 13:16

најчитано сега