Додевски: СДСМ за само 2,5 години правата на лицата со попреченост ги издигна на ниво на висок приоритет

 

СДСМ за само 2,5 години ги актуелизираше и ги издигна на ниво на приоритет, правата на лицата со попреченост, кои 11 години беа заборавени и маргинализирани, вели Спасе Додевски од СДСМ.

Според него, иако уште во 2011 година беше потпишана Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, ВМРО-ДПМНЕ не спроведе ништо од препораките.

-Сега здруженијата на лицата со попреченост имаат интензивна соработка и партнерство со владата на СДСМ и претседателот Зоран Заев за заедничко креирање и  реализација на мерките. СДСМ веднаш по доаѓањето на власт покажа дека правата на лицата со попреченост му се меѓу приоритетите: Назначивме советник за образование, здравствена заштита, социјална заштита и институционален систем за лицата со попреченост, како и Национален координатор на владиното координативно тело за спроведување на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост. За прв пат усвоивме Акциски План за организирано спроведување на препораките од Конвенцијата. Реализираме и координираме системски поддржана инклузија за учениците со попреченост во редовното образование. За прв пат воведовме персонални и образовни асистенти, кои ги финансира државата, рече Додевски.

Според него, воведене е мерка 50 отсто скратено работно време за родителна дете со попреченост, каде за четиричасовно време една половина од платата дава работната организација, а другата половина ја дава државата.

-Ги трансформиравме старите „хорор“ институции за деца без родители и за деца со нарушување во однесувањето, во топли мали групни домови со 24 часовна грижа. Донесовме нов Закон за социјална заштита, во кој сите материјални права неколкукратно се зголемуваат, а се воведуваат и нови услуги. Координираме и имплементираме нов модел за функционална проценка на лицата со попреченост според Меѓународната класификација на функционалноста (МКФ). Невработените лица со попреченост се вклучени во програмата за самовработување каде државата дава грант од 5.000 до 10.000 € за отворање сопствен бизнис. Го координиравме нацрт-текстот на претстојниот Закон за градење, во кој и физичката пристапност на новите градби ја предвидовме во елементарни стандарди на градбите, рече Додевски.

Според него, координирани и обезбедени се  нови ортопедски помагала во вредност од 36.000.000 денари, кои досега не беа на листата на ФЗОМ.

-Инициравме и координираме низа мерки за пристап на лицата со оштетен вид до литература и компјутер, преку софтвер за синтеза на говор и аудио-литература, а за лицата со штетен слух ја инициравме и координиравме првата театарска претстава со целосна поддршка на знаковен јазик. Ја креиравме и промовиравме Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост на брајово писмо и аудио-формат за лицата со оштетен вид и во аудио-визуелен формат и знаковен говор за лицата со оштетен слух. Продолжуваме со унапредување на правата на лицата со попреченост. Со новата програма, во 2021 година ги зголемуваме додатоците за сите права за попреченост за 15%, рече Додевски.

Вели дека намалена е границата за користење на правото за попреченост од 26 на 18 години.

-До 2024 година нема да има ниту една физички непристапна јавна институција во државата. Градиме 777 државни станови, кои меѓу останатите, ќе бидат наменети и за лицата со попреченост. Граѓаните знаат дека градиме фер и праведно општество кое се темели на принципи за еднаква грижа за сите, и затоа не очекува голема победа на изборите на 12 април, рече Додевски.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

07.03.2020 - 14:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега