ВМРО-ДПМНЕ: Нема раст од 5%, долгот порасна за 1 милијарда, а младите се иселија
СДСМ за три години ја опустоши економијата. Ветија 5% раст, а остварија само 2.5% за целиот период додека се на власт, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на прес-конференцијата на техничкиот премиер Оливер Спасовски и министрите за финансии и економија, Нина Ангеловска и Крешник Бектеши.
Тврдат дека за само три години го зголемија јавниот долг за нови 1 милијарда евра, а притоа нивото на капитални инвестиции едвај надминуваше 50%.
-Наместо да реализираат проекти врхушката на СДСМ играше чочек во тунел на автопат кој го направи ВМРО-ДПМНЕ. Невработеноста не се намалува, туку граѓаните се иселуваат. Ни се случува вистински егзодус. Вработувањата со кои се фалат 2/3 се во јавната администрација, тоа се непродуктивни работни места кои го празнат буџетот, се вели во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека младинската невработеност е највисока во Европа.
-Власта не направи ништо за младите. Над 20.000 луѓе годишно заминуваат само во Германија. Заев, Спасовски и Ангеловска ја уништија економијата, ги мотивираа младите да се иселат, затоа што не создадоа можности тука да останат. СДСМ излажаа пред три години, лажат и сега. СДСМ никогаш повеќе. Граѓаните заслужуваат подобро. Обновата доаѓа со ВМРО-ДПМНЕ, се вели во реакцијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа